Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека утре е Денот Д кога ќе се даде мандатот на новиот мандатар, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Образложувајќи ја целата постапка за избор на нова влада, Џафери смета дека таа би ја преземала функцијата на 17 јануари 2022 година.
– Според првичните информации, утре би требало да биде Денот Д за давање мандат на новиот мандатар, кој веќе е определен, тоа е претседателот на СДСМ. Од тој момент со давање на мандатот претседателот на државата според член 210 од Деловникот треба да го извести претседателот на Собранието за давање на мандатот за да почнат роковите во Собранието, да се пребројат, да се бројат роковите. Значи и за нас, а и за мандаторот. Мандатарот во рок од 20 дена од приемот на мандатот, значи не подоцна од 20-тиот ден од приемот на мандатот, треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата, изјави Џафери, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата кога би се случило избор на нова влада.
Џафери изрази надеж дека мандаторот нема да оди во крајните рокови, имајќи ги предвид, како што рече, сите преговарања што се направени претходно и сите оние најави по однос на евентуални поединечни персонални решенија коишто провејуваа во јавноста.
– Во секој случај, варијантите за организација на работата на Собранието се предвидени, и ако е тоа крјаниот рок 20-тиот ден, а и ако е пократок рокот. Но, во секој случај, во моментот кога ќе се добие персоналниот состав и програмата на владата, тогаш почнува рокот на Собранието, во рок од 15 дена од тој момент да се свика седница за избор на влада. Седницата трае два дена. Вториот ден, пред 24 часот треба да се гласа за нова влада и очекувам некаде 10-11 да добијам предлог состав на владата и програма и врз основа на консултации со пратеничките групи кои се во Собранието, да се определи датум за одржување седницата. Најверојанто тоа ќе биде 15-16 јануари, односно ако се добие предлогот на 10-11, 15-16 да се одржи дебата два дена, вториот ден на 16, пред 24 часот да се изгласа новата влада, која на 17 изутрината би ги презела функциите во министерствата, односно во владата како тим со мандати и со сите овластувања коишто произлегуваат од одлуката со избор, појасни Џафери.
Прашан што ако нема мнозинство, Џафери рече дека има мнозинство и додаде оти тоа сите го знаат.
– Има 64 пратеници како мнозинство и тоа фактички ќе го покаже гласањето, додаде Џафери.