Вакцинацијата на граѓаните во државата никако да започне иако министерот за здравство Венко Филипче вели дека ќе започне од јануари месец. Министерот за здравство Венко Филипче ја подготвува и најавува вакцинацијата на граѓаните прво за јануари месец, па февруари, а сега најавува дека во текот на овој месец март сигурно ќе започне.
-Во текот на овој месец сигурно ќе почне имунизацијата на населението, заради тоа што очекуваме, според најавите, една одредена количина преку КОВАКС системот и ги очекуваме руските вакцини, имаме иницијална најава од денешните состаноци, дека тоа може да се случи викендов веќе в недела, но повторно ќе кажам, сега имаме искуство, сите земји имаат искуство, сите се соочија со тоа, тоа што иницијално им беше ветено и укажано од компаниите едноставно да не се случи, нагласи деновиве министерот за здравство Венко Филипче во интервју на МРТ.
Додека министерот за здравство Венко Филипче ги манипулира граѓаните со започнување на процесот со вакцинација против КОВИД-19, Словенија овој месец започнува со масовна вакцинација на граѓаните.
-Словенија ќе овозможи масовна вакцинација против Kовид-19 во март, изјави деновиве во Љубљана, координаторот на Владата за вакцинација, Јелко Кацин и најави дека пристигнуваат уште 24.000 дози од вакцината на „АстраЗенека“.
-Ние сме организирани така што можеме да вакцинираме 500.000 до 600.000 луѓе месечно, што значи околу 30.000 секој работен ден, рече координаторот на Владата за вакцинација, Јелко Кацин.
Следната недела, според владиниот план, наставниците и воспитувачите во училиштата и градинките ќе бидат вакцинирани, што е приоритет со оглед на претстојното отворање на средните училишта.
Кацин оцени дека вакцината на „Астра Зенека“, која ќе пристигне во поголеми количини, е многу ефикасна и безбедна и дека граѓаните се заштитени од болеста девет месеци по примањето на втората доза.
Додека Словенија ќе спроведува масовна вакцинација на населението, Македонија тапка во место, а за ова опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ го критикува министерот за здравство Венко Филипче за ситуацијата во која се наоѓа државата.
-Британскиот сој на КОВИД-19 додека хара низ земјава, Филипче оди по емисии и се фали дека ситуацијата е под контрола. Додека здравствениот систем е на респиратор, Филипче вели граѓаните да не се грижат. Земјиве во регионот додека вршат масовна вакцинација, македонските граѓани умираат бидејќи нема вакцини. Филипче се фали со невидливи вакцини кои никако да пристигнат во Македонија, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.