Се обидовме по регуларен пат, но не успеавме. Се обидовме по алтернативен пат и потпишавме договор за вакцини. Но, кинеските власти ни сугерираа дека треба да се вратиме на регуларниот пат.
Вака накусо звучеше одговорот на министерот за здравство Венко Филипче кој се обиде да објасни што се случило со набавката на кинеските вакцини и зошто истите се уште ги нема. Реакцијата на министерот доаѓа по објавите во италијанскиот весник „Ла Верита“ кој обзнани дека Македонија се обидела да дојде до вакцини од кинеската „Синофарм“ преку фантом фирма која нема фармацевтско портфолио.
-Вроди со плод, договорот беше потпишан, но од кинеското Министерство за надворешни работи ни беше укажано дека тоа не е патот по кој треба да одиме и дека треба да го пратиме оној регуларен пат. Во обид да дојдеме до вакцини се обидовме со алтернативен начин, не станува збор за незаконски и нерегуларно, и за никакви провизии, истакна Филипче.
Министерот ја обвини опозицијата дека се обидува да го наруши процесот на вакцинација.
-Во момент кога вакцинацијата треба да продолжи во нашата земја. Со ова опозицијата се обидува да го наруши угледот, да го компромитира процесот и со тоа да го загрози процесот на продолжување на имунизацијата, вели Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче кажа дали и кога ќе пристигнат кинеските вакцини.
-Се уште го чекаме тајмингот по овој пат кој го сугерираше кинеското МНР, повторно за количина од 200.000 дози, нагласи министерот за здравство.