четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Филипче повторно ги извиси вработените во здравството: Се уште го немаат добиено најавеното мартовско покачување на платата

Филипче повторно ги извиси вработените во здравството: Се уште го немаат добиено најавеното мартовско покачување на платата

Вработените во здравството се уште не го добија ветеното покачување на мартовската плата од пет проценти. Иако министерот Венко Филипче најави дека до крајот на минатиот месец, април, ќе има исплата, тоа се уште не се случило.

Здравствената администрација и медицинскиот персонал кои ја контактираа редакцијата на Курир велат дека се чувствуваат излажано од ветувањата на министерот за здравство Венко Филипче. Посочуваат дека покачувањето очекувале да го земат со мартовската плата како што беше најавено, но до денеска се уште имаат исти примања.

Денес се обративме до Министерството за здравство од каде побаравме одговор кога на вработените во здравството ќе им биле исплатено најавеното покачување на платата, но до објавување на овој текст одговор не добивме.

Курир уште минатиот месец, пред исплата на платата во здравството пишуваше дека вработените во овој сектор ќе останат без најавеното покачување од пет проценти на месечните примиња. Дополнително, како што објави Курир, покачувањето нема да го добијат на платата, туку во вид на додаток.

Министерот за здравство на 14 април ги потврди пишувањата на Курир.

-Имавме бројни состаноци со претставници на Синдикатот, една од причините беше да се најде начинот како да се исплати, дали да биде дел од анексот. Покачувањето доаѓа како поддршка преку кредитот на Светска Банка и не може да се пресмета во основната плата, ќе биде како бонус, односно додаток, изјави минатиот месец Филипче.

Тогаш министерот нагласи дека завршени се сите процедури и до крајот на месец април вработените во здравството ќе го добијат покачувањето од пет проценти за месец март. Ветување кое не е исполнето.

За потсетување, министерот за здравство на 9 март на социјалните мрежи објави дека сите вработени во здравствениот сектор со мартовската плата ќе добијат покачување од 5 проценти.

Најнови вести