Фотографиите и прилозите од вчерашното празнување во верските храмови и пред нив се повторно загрижувачки. И покрај апелите на здравствените институции да нема масовни собирања, да се почитуваат мерките за држење дистанца и ограничувањето на движењето, тоа не се случи, пишува денеска на својот профил на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
-Го почитувам празнувањето и силно верувам дека тоа се значајни настани за сите нас, независно на која вера припаѓаме. Но, оваа година празниците во целиот свет се празнуваат на еден поинаков начин, ставјаќи го сопственото здравје и на нашите сограѓани пред се и над се, потенцира Филипче.
Им се заблагодарува на граѓаните кои се придржуваат кон мерките, а кои за жал, понатаму можат да бидат изложени на ризик поради оние коишто тоа не го прават.
-Коронавирусот ниту е мртов ниту е заминат. Тој е тука и за жал, проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го ингнорираат. Многу пати повторив, но еве уште еднаш ќе кажам. Здравствените работници не можат сами. Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект. Почитувањето на мерките и ефектите од нив зависат само од нас како граѓани. Едноставно мора да се прифати новиот начин на живот, мора нашето секојдневие да го прилагодиме почитувајќи ги препораките, дециден е Филипче.
Од друга страна пак неговиот партиски ментор, Зоран Заев и врхушката на СДСМ и покрај секојдневниот раст на новозаболени од корона вирус повикуваат на брзи избори и тоа среде корона криза. Обидувајќи се преку споредба со земјите од регионот како Хрватска, Србија да ја наметнат тезата дека еве и овие земји ќе одат на избори за време на пандемија, притоа заборавајќи да ги направат вистинските споредби и параметри, каде што треба да се каже дека Хрватска речиси и да го победи коронавирусот, додека Србија може да се пофали со голем број на тестирања во регионот и со одлично менаџирање на целата ситуација.
Имено, Македонија е шампион во црната статистика во регионот и според податоците на worldmeters.info, во земјава во последните 5 дена се регистрирани 70 нови заразени на 1 милион жители. Во Србија има 49, во Бугарија 24, во Албанија 17, а во Грција и Хрватска по 4 нови заразени на 1 милион жители во последните 5 дена. Грција и Хрватска практично излегуваат од кризата и затоа веќе наголемо се подготвуваат за летната туристичка сезона.
Македонија има 54 мртви на 1 милион жители и со оваа најзагрижувачка бројка, таа е апсолутен неславен шампион во регионот. Србија има 27 мртви на 1 милион жители (двојно помалку од нашата земја), а Хрватска, која има речиси занемарлив број новозаразени на дневна основа, има 24 мртви на 1 милион жители. Најмалку мртви (11 на 1 милион жители) се регистрирани во Албанија.
Србија, која може да се пофали со најмногу, безмалку 25.000 тестирања на 1 милион жители, во овој момент бележи најголем број активни случаи на 1 милион жители – 582. Но, Македонија, со 12.129 тестирања на 1 милион жители, има 222 активни случаи на 1 милион жители. Блиску до нас е и Бугарија со 211 активни случаи, додека Хрватска има само 29 активни случаи на 1 милион жители.
Србија има 1.277 вкупно заразени на 1 милион жители, но загрижува фактот дека Македонија, со двојно помалку тестирања, бележи 949 вкупно заразени на 1 милион жители. Сите други земји во регионот се многу подобри од нас, а најдобра е Грција, со вкупно 276 заразени на 1 милион жители.
Инаку, Црна Гора веќе прогласи дека издвојувала победа во борбата со Ковид-19, а во Косово за првпат нема регистрирано новозаразени лица.