Автобусите на приватните превозници од 6 часот утринава се паркирани на булеварот „Илинден“ од семаформите после Влада до „МИ-ДА“. Како што беше и најавено, блокирана е само десната лента од булеварот.
– Добивме известување од организаторите на Златно славејче дека утре по три години повторно ќе се одржи фестивалот и ќе има посетители и од другите градови. Не замолија, протестот да го одложиме или нешто друго да се направи со цел тие да стигнат и да бидат присутни. Тоа е емпатија на којашто не можеме да останеме рамнодушни. Пренесов и одредени сугестии од граѓани кои посочија протестите да се одржат пред Град Скопје, бидејќи не мора сите граѓани да го трпат ова, изјави вчера директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски.
Доколку блокадата нема исход, директорот на „Слобода превоз“ најави дека в понеделник, почнувајќи од 6 часот главниот град ќе биде целосно блокиран.
– Ова е најава од приватните превозници дека можеби уште повеќе ќе се засилат и радикализираат протестите. Нервозата расте, загрижени се, ги пратат изјавите и состојбата е многу напната, затоа апелираме до сите институции, дури и државните, да се вклучат како медијатори во решавање на овој проблем, со цел оваа ситуација да не ескалира, истакна Јовановски.
Ако градоначалничката се грижи за јавниот интерес, Јовановски вели дека во интерес на тоа ќе седнат заедно на маса и ќе изнајдат соодветно решение за излез од оваа криза.
– Бројот на автобуси на приватните превозници е толку мал што ЈСП лесно може да се соочи и да го покрие тој вакуум. Вкупниот број на возила на „Слобода превоз“ што добиле изводи од лиценца да вршат превоз, е 131. Од она што го знам од „Мак-експрес“ е дека таму има 77 автобуси, што значи дека се вкупно 208 автобуси кои вршат превоз во Град Скопје, информираше Јовановски.
Презентирајќи документите, Јовановски ја демантираше изјавата на директорот на ЈСП оти долгот не постои. Во однос на непродавање на билети во приватните автобуси, како причина ја наведе нефункционалноста на фискалните апарати.
Од Град Скопје вчера соопштија дека го прекинуваат договорот со приватните превозници од „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврски што произлегуваат од договорот. Од Градот апелираа до превозниците да ја ревидираат одлуката за блокада на Скопје, бидејќи, како што велат, со тоа нема да постигнат решение за проблемот.
Исто така, од Градот најавија дека од следна недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.
Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа“.