Граѓаните на Кисела Вода живеат во страв поради состојбата околу Центарот за рехабилитација на зависници кој се наоѓа во оваа населба, кој претставува секојдневна опасност за здравјето на луѓето, посебно на оние најмладите, на децата.
Редакцијата на Курир за овој проблем побара одговори од општина Кисела Вода и Министерството за здравство. Од општината на прашањето кога овој проблем ќе биде решен, ни одговорија дека овој проблем е глобален, а не локален и поддржуваат нулта толеранција кон недозволената трговија со дроги поздравувајќи ја акцијата на МВР во Струга.
Граѓаните на социјалните мрежи велат дека ништо не е исполнето, а дека добиле ветување во јануари оваа година дека проблемот ќе биде решен за еден месец од тогаш, состојбата не е подобрена ниту седум месеци подоцна. Тоа барем го покажуваат фотографиите објавени на социјалните мрежи.
Жителите на Кисела Вода се жалат дека состојбата од ден во ден е се полоша и полоша. Посебно загрижувачки е фактот, според објавените фотографии на социјалните мрежи, фрлените шприцови и игли се на само неколку метри од куќите каде живеат луѓето.
Тие загрижени велат дека, иако најголем, ризикот за здравјето не е единствениот проблем кој го имаат тие. Според нив голем проблем е и глетката која нивните деца секојдневно ја гледаат.
Инаку, околу овој проблем тие се жалат веќе подолго време. Во јануари оваа година граѓаните се жалеа дека паднале во вода ветувањата дека овие лица ќе бидат згрижени во други здравствени установи во градот.
Во игра за решение беа ГОБ „8-ми Септември“ и Мајчин Дом во Аеродром, но тие две места сепак останаа недостапни за делење метадонска терапија. Додека чекаат решение од надлежните, жителите кои живеат околу Центарот се во страв да не згазнат на фрлените шприцови и игли, а посебен страв кај нив има околу можноста тоа да им се случи на нивните најмили.
Во јануари оваа година, имаше еден инцидент, каде двајца вработени кои се задолжени за одржување на хигиената во општината, се боцнале од игли и побарале лекарска помош. За среќа тие не биле заразени од никаква болест.
Курир околу овој проблем побара став од општината Кисела Вода, каде прашавме кога овој проблем ќе биде решен, бидејќи граѓаните на социјалните мрежи велат дека решение на овој проблем им бил ветен во јануари оваа година, за еден месец од тогаш.
Интегрален текст од одговорот на општина Кисела Вода:
„Проблемот со Центарот за превенција и третман на зависности од дроги Кисела Вода е децениски, и не е локален, туку е глобален, предизвикан од многу аспекти, па поради тоа реално е потребно поголем временски период од еден месец за да се постигнат видливи резултати. Општината Кисела Вода нема директни ингеренции и надлежности за да го реши, но тоа не значи дека се оградува и дека не делува.
Општината веќе извести за оствареното партнерство и соработка со Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, СВР Скопје, Оддделението за недозволена трговија, ПСОН Кисела Вода, ЈЗУ Психијатриска болница Скопје, Центарот за превенција и третман на зависност од дроги-Кисела Вода, здруженијата ХОПС, Доверба, и преставниците на жителите, Рубенс Муратовски и Методија Тотиќ, и остварување на првата заедничка средба.
Градоначалникот на Општината Кисела Вода со своето делување ја продолжува иницијативата за надминување и решавање на проблемот кој го имаат жителите на Кисела Вода, а е поврзан со Центарот за превенција и третман на зависности од дроги, преку остварување на партнерство и соработка и со Министерството за труд и социјална политика, со Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, со Академијата за судии и јавни обвинители, со Град Скопје – Одделение за социјална, детска и здравствена заштита, со ЗЕЛС и со здружението РЕТО НАДЕЖ.
Од остварените поединечни средби со сите партнери и соработници, од Општината произлегоа предлог мерки кои се доставени до Министерството за здравство, со цел истите да бидат опфатени при анализата и одлуката на Министерството.
Согласно договореното и ветеното на првата средба, кон крајот на месец јули ќе се одржи работен состанок, на кој покрај учесниците од првата средба, ќе присуствуваат и претставници од новите партнери и соработници, и на која ќе се презентираат анализите од кои произлегле краткорочните и долгорочните мерки кои ќе се преземат, со временска рамка на спроведување. Спроведените мерки значително ќе придонесат за подобрување на сликата за Центарот за превенција и третман на зависности од дроги.
Во меѓувреме, додека не се отпочне со спроведување и реализирање на мерките, Општината Кисела Вода моментално прави се што е можно за, преку надлежните и овластени лица за отстранување на медицински инфективен отпад, да се одржува хигиената околу Центарот и за , преку ПСОН Кисела Вода, да се одржува јавниот ред и мир.
Воедно, Ве известуваме дека освен заложбите за правилен третман на лицата кои се зависници од дроги, Општината Кисела Вода поздравува, поддржува и иницира нулта толеранција кон недозволената трговија со дроги. Во таа насока, ја поздравува и големата акција на Министерството за внатрешни работи во Струга за сузбивање на недозволената трговија со дроги, се вели во испратениот одговор од Општина Кисела Вода.“
Институциите наместо да го решат проблемот со Центарот, од МЗ за Курир велат дека заедно со општина Кисела Вода, МВР, Психијатриска Болница-Скопје, граѓанските здруженија и претставници на жителите на Кисела Вода одржуваат мултисекторски редовни координативни средби на кои се разгледува тековната состојба во и околу Центарот. Оттаму очекуваат дека процесот на имплементација на мерките за решавање на состојбата со Центарот ќе почне за еден месец отсега.
Интегрален текст од одговорот на Министерството за здравство:
„Министерството за здравство активно соработува со општина Кисела Вода, Министерството за внатрешни работи, Психијатриска Болница-Скопје, граѓанските здруженија и претставници на жителите на Кисела Вода, со цел изнаоѓање решение на состојбата во и околу Центарот за превенција и третман на зависност од дроги. За таа цел се остваруваат мултисекторски редовни координативни средби на кои се разгледува тековната состојба во и околу Центарот, како и факторите кои придонеле за истата. Имено, состојбата на Центарот е влошена изминативе неколку години, откако беше донесена одлуката сите зависници да бидат префрлени во Центарот во Кисела Вода, притоа отежнувајќи го процесот на третман и ресоцијализација на оваа категорија на пациенти.
Заради почнување на процесот на решавање на проблемот, Министерството за здравство, во соработка со горенаведените институции предложи низа краткорочни и долгорочни мерки, кои вклучуваат нов пристап на третманот кон зависниците, инфраструктурни решенија, зголемување на кадарот во Центарот, едукација на населението за потребите на оваа категорија на пациенти, како и развивање систем за нивна поддршка. Активно се работи на решавање на проблемот и очекуваме отпочнување на процесот на имплементација на горенаведените мерки во временска рамка од 30 дена.“