вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ГОЛГОТАТА ПРОДОЛЖУВА: Синот тепан од својата мајка утре мора да преспие кај неа, еве го решението со кое државата ја става во ризик безбедноста на детето

ГОЛГОТАТА ПРОДОЛЖУВА: Синот тепан од својата мајка утре мора да преспие кај неа, еве го решението со кое државата ја става во ризик безбедноста на детето
Илустрација

Продолжува голготата на семејството од Скопје, за кое КУРИР пишуваше минатата недела.

Во Македонија често се зборува кога мајката е жртва на семејно насилство, но кога таа го врши насилството изгледа во државава нема ни правда ни правдина.

Да потсетиме, пишувавме за вознемирувачки случај на семејно насилство во Македонија. Мајка која неколку пати го тепала своето дете и против која има пријави во полиција, од Центарот за социјални работи добива дозвола секоја втора недела, по четири дена, да го зема детето на чување со преспивање.

Жртва на насилство од нејзина страна е и нејзиниот сопруг со кого е во бракоразводна постапка.

Член на нивното семејство ја контактираше редакцијата на КУРИР , за да нè запознае со овој скандалозен случај, во кој институциите носат одлука која може да уништи еден детски живот.

Скопјанката која повеќе пати го напаѓала својот мал син и неговиот татко, според сведоштвото на член на семејството, била поранешен пациент на психијатрија.  Таму била сместена во 2016-та година.

-Таа има низа пороци. Употребува дрога, пие алкохол и се коцка. Сега е во врска со човек за кој сме сигурни дека е дилер на дрога. Детето го возат во автомобил додека пушат марихуана и детето тоа го дише. Што сака да направи од детето? Нејзиниот син се плашеше кога ќе ја види, а сега треба да спие таму, каде таа живее со нејзините баба и дедо, кои се прабаба и прадедо на детето, рече нашиот соговорник, пренесе КУРИР минатата недела.

Голготата трае долго, но сега се чини дека толку се доближи како реалност, што семејството е вознемирено, во шок и во страв.

Денот е УТРЕ. Според одлука на Центарот за социјални работи, утре мајката треба да го земе детето и тоа да преспие кај неа. Ќе рече некој „Па, добро, мајка е“. Но малото дете од таа жена чувствува страв бидејќи било жртва на семејно насилство од нејзина страна.

И не е само утре или следниот викенд. Скандалозното решение бара од таткото за викенди, празници, роденден, распуст… да го носи детето кај мајката која е пријавена дека го има тепано.

КУРИР дојде до официјалниот документ-решение кое го пренесуваме во продолжение. Идентитетите на мајката, таткото и детето се познати во нашата редакција, но заради нивна заштита, засега, нема да ги објавиме.

Член на семејството денес повторно ја контактираше редакцијата на КУРИР. Со вознемирен глас, во паника од тоа што следува. Надлежните останале глуви на бројни пораки, повици за помош, докази и објави кои таткото со месеци ги праќа до сите надлежни за овој случај.

-Утре треба да го земе мајката, да преспие таму. Баравме видувањата да бидат во присуство на социјален работник или во Центарот за социјала. Не ни беше дозволено тоа. Таа жена го малтретираше и тепаше детето, за што имаме и докази, а се водат и постапки по пријави во полиција. Од социјално ни рекоа дека не важат за нив пријавите во полиција и дека видувањата мора да продолжат, ни кажа членот на семејството.

За насилството кое таа го правела врз нејзиното дете, сведочи и полицискиот билтен.

„На 08.11.2022 во 21:00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, 32-годишен маж од Скопје пријавил дека неговата сопруга И.П., со која е во бракоразводна постапка, физички го нападнала нивниот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – информираа од МВР минатиот месец.

Вознемирувачки случај на семејно насилство во Македонија: Мајка си го тепала синот, а со нож го нападнала сопругот – државата дозволила детето да преспива кај неа, МОЛК од институциите

Како што веќе објавивме, таткото во месец мај го напушта семејниот дом, откако по неколку насилства врз него, според семејството, сопругата ги преминува сите граници и го напаѓа со нож. Со него го зема и детето и заедно заминуваат во домот на неговите родители. Во тој момент детето има само една ипол година.

Три години биле во брачна заедница. По раѓање на детето, насилство трпат таткото и синот.

Сега, како што информираат од семејството, има две кривични пријави за семејно насилство од нејзина страна. Поради тоа, прво е донесена одлука, додека трае бракоразводниот процес, детето да остане со таткото. Но, без никакво дополнително објаснување, социјално донесува ново мислење, мајката да го гледа детето и тоа да преспива во домот на неговите прабаба и прадедо.

Рочиште за бракоразводната постапка е закажано за овој месец. Судот тогаш ќе одлучува и за старателство врз детето. Адвокатот на таткото веќе барал да се направи тест преку психијатар, но и наркотест на мајката. Решенијата, пријавите за насилство, молбите, жалбите и доказите, надлежните не ги земале предвид.

Откако таткото со синот во месец мај го напуштил заедничкиот дом, мајката на детето цели три месеци не побарала средба со него. Ниту се јавила да праша како е нејзиното дете, ниту побарала да го види, раскажува член на семејството.

КУРИР ги поседува сите барања и документи испратени до Центарот за социјални работи, до судот, до Министерството за труд и социјална политика, лично од таткото и преку адвокат.

Бидејќи станува збор за многу материјали, во продолжение пренесуваме само дел од последниот крик за помош на овој татко.

КУРИР уште минатата недела бараше одговори во Центарот за социјални работи. Не одговорија на нашите прашања, ниту на голем број телефонски повици.

Дури откако го објавивме текстот, бевме контактирани од нивна страна и ни беше посочено прашањата да ги пратиме на е-маил адреса која тие ни ја дадоа. Таа е-маил адреса беше НЕПОСТОЕЧКА!

 

Најнови вести