Никој не го спори фактот дека потребни се вложувања во инфраструктурата, но од самиот почеток поврзан со целиот процес со проектот со Бехтел и Енка и начинот на кој се крие за цело ова време од очите од јавноста, остава простор сите да се сомневаме во регуларноста и исправноста на истиот, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски за „Анализа“ на ТВ 24.
Тој истакна дека оние законски регулативи со кои беше злоупотребено европското знаменце се регулативи кои на несоодветен начин се практикуваа за да се заокружи таа брза форма на испумпување на огромни средства од буџетот на граѓаните.
– Ние не сме против инвестиции во инфраструктурата, но самиот начин на кој се одвива оваа полукриминална или целосно криминална операција, за тоа еден ден ќе има целосно образложение, остава сомнеж кај секој еден граѓанин во Македонија дека таму нешто не е како што треба. Од друга страна тоа што претседателот Пендаровски денеска потпиша, тоа е затоа што Пендаровски и Ковачевски се само една иста паричка со две страни. Ништо неочекувано за неговото денешно дејствие, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека оваа влада нема капацитет да реализира ваков проект, а парите кои се дадени однапред со нив може да се изградат стотици училишта, градински, да се реновираат болници.
– На крајот на денот оние пари над 200 милиони евра кои однапред треба да се исплатат, 200 милини евра ние како градоначалници знаеме дека се 150 до 180 нови училишта во државата, најмалку 150 до 180 нови градинки или реконструкција на сите здравствени домови онаму каде што има. Доаѓам од скопска општина каде нема поликлиника и е неопходно да се изгради. Не се прави јасна дистинкција во Македонија кои се приоритетите и што е она првото, потенцираше Ѓорѓиевски.
Според него цената која ќе се плати за ова е несоодветна, целата постапка е несоодветна.