среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ивановска за обвинувањата на Груби: Кога сè е наопаку, ДНОТО е на површина

Ивановска за обвинувањата на Груби: Кога сè е наопаку, ДНОТО е на површина

Кога сè е наопаку, дното е на површина. Ваква порака преку својот фејсбук-профил упати претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска како реакција на изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби, кој во гостување на Сител телевизија работата на членовите на ДКСК ја оцени со зборовите: „Не ги бива“.

Груби се чини има причини да не е задоволен од работата на ДКСК имајќи предвид дека меѓу другото, отворен е предмет за неговото користење на службени возила за партиски цели, а ДКСК јавно соопшти и критика дека во канцеларијата на Груби во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се одржуваат и партиски состаноци и приеми.

Вицепремиерот Груби синоќа на Сител изрази не само критика кон антикорупционерите, туку изрази и сомнеж во нивниот капацитет како правници.

Според него, огромно мнозинство од случаите се или изгубени во административни постапки или отфрлени од страна на судиите.

„Се надевам дека следниот состав ќе биде навистина сериозен, зашто сегашните антикорупционери немаат ниту еден успех откако се на мандат. Не ги бива. Нема ниту еден успех. Јас на времето ги интервјуирав и очекував повеќе. Верувам во институцијата, но имам сомнежи во капацитетите на луѓето. Во мандат од четири-пет години дали имаат еден единствен случај успешен во постапките. Се надевам дека следниот состав ќе биде посериозен“, рече Груби.

Најнови вести