Секој нормален човек што прочитал повеќе од пет страни историја, знае дека не постои македонски идентитет, одделен од бугарскиот пред 1944 година, порача Красимир Каракачанов. Шефот на бугарската одбрана уште еднаш повтори дека Бугарите и Македонците зборувале ист јазик. Тој вели му кажал на Заев дека три години не сториле ништо, и кога дошол моментот за решение веќе било доцна.
-Не можеш да ја јадеш раката која те поткрепува и која ти е подадена со едно братско благородство во буквална смисла, братско затоа што ние сме еден народ и говориме еден јазик. Што и да ми зборуваат и објаснуваат за идентитетот, идентичноста која што била многу древна. Секој нормален човек кој што прочитал повеќе од пет страници историја поврзана со Македонија, знае дека таква идентичност одделно македонска, одделно од бугарската нема пред 44-та година, изјави Каракачанов.
За Каракачанов сега проблем е и што во Македонија немало бугарски медиуми, да ја шират пропагандата на источниот сосед.
-Бугарски медиуми во Македонија нема. Има српски, има секакви, но бугарски нема. И Скопје продолжува да тврди дека биле нормално, демократско и плуралистичко општество. За 30 години откако Македонија е независна држава, таму не се решил ниту еден бугарски медиум да извади лиценца и да се распространи. По кабловските мрежи нема бугарски телевизии, по трафиките нема бугарски весници. И тие тврдат дека го промениле односот кон Бугарија, вие верувате ли? Јас не им верувам, изјави Каракачанов.
Дека Македонија ќе мора да ги прифати бугарските уцени преку анекс договор, порача и претседателот на источниот сосед, Румен Радев. Вели државава морала да сфати дека патот кон ЕУ не минувал преку европските метрополи, со барање да се прави притисок кон Бугарија, туку преку Софија
-Ние сме две држави, ние сме браќа, и договорот беше добронамерен. Но, кога се виде дека минува една година како тој не се почитува, јас во 2018-та кажав дека треба нов анекс. Тогаш имаше една единствена политика, поткрепа за Македонија, изјави Радев.
Каракачанов повторно кажа дека нема да се прави компромис со антибугарската политика и не го интересирало што дел од европските партнери имале поинакви ставови од Софија.