Директорка на Универзитетската клиника за дерматологија Нина Цаца Биљановска, која е заразена со коронавирус, не ги испочитува протоколите на Министерството за здравство за заштита од коронавирус.
Сепак, таа и натаму ќе има лиценца за работа, бидејќи Лекарската комора вели дека не може да ѝ ја одземе.
Како што информираат од Комората, во Законот за здравствена заштита не е наведено како треба да постапат доколку медицинско лице свесно го загрозува здравјето на останатите.
Лиценцата на докторката може да биде одземена само доколку наложи судот, велат од Лекарската комора, бидејќи загрозувањето на туѓото здравје подлежи на казна согласно Кривичниот законик.
За јавната опомена на директорката Биљановска ќе одлучува комисијата при Лекарската комора во текот на утрешниот ден.
-Лекарската комора како професионална организација смета дека треба да ги информира докторите во врска со коронавирусот. Тоа го направивме преку нашата веб-страница каде ги објавивме препораките на СЗО, како и упатствата за здравствените работници и упатствата во случај на сомневање од постоење на коронавирус, посочија од Лекарската комора.