Бугарскиот евро парламентарец Андреј Ковачев во интервју за МКД вели дека во ЕУ Македонија ќе влезе откако ќе го реши сите историски отворени прашања.
Ковачев кој е член на владејачката партија ГЕРБ во интервјуто јасно вели дека „Во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев… Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја“, вели тој во дел од интервјуто.
Тој без срам вели дека „Врз основа на еден од бугарските дијалекти денешниот официјален јазик на Македонија е кодифициран“.
Ковачев во интервјуто не сака ни да го спомене македонскиот јазик, а во истото тој додава дека бугарската позиција е јасна и јасно се напишани условите што мора да се исполнат за Бугарија да продолжи да ја поддржува Македонија во пристапниот процес (усвојувањето на рамката за преговори, решенијата за отворање и затворање на секое од 35-те поглавја на преговорите…), па сѐ до конечното ратификување на идниот договор за членство на Македонија во ЕУ од бугарскиот парламент. Не е случајно тоа што во заклучоците на Советот на Европа од 24 март се наведува дека добрососедските односи и исполнувањето на договорите со Бугарија и Грција се критериум за следење на текот на преговорите за членство.
Инаку на се она што го кажува Ковачев во интервјуто изминатиот период предупредуваше и ВМРО-ДПМНЕ, а во истото евро пратеникот демантира се што сакаат од СДСМ да релативизираат овој период.
Дел од неговото интервју прочитајте го во продолжение, додека целото можете да го најдете ТУКА.
Дали за Вас постои македонска држава во која живее македонски народ што зборува на македонски јазик?
– Бугарија беше првата држава што ја призна Македонија веднаш по осамостојувањето – под името Република Македонија. Веднаш на младата република ѝ дониравме воена опрема за да може да се спречи потенцијалната закана од тогашна Југославија, во која тогаш доминираше Србија на Милошевиќ. Ние ве поддржавме и за време на ембаргото на јужната граница со храна и гориво. Потоа го браневме суверенитетот и територијалниот интегритет на тогашната Република Македонија за време на настаните во 2001 година.
Историски гледано, оставањето на географската област Македонија во рамките на Отоманската Империја беше огромна драма за тогашните поколенија на Бугарите од тие земји, кои го претставуваа најголемиот дел од населението. Бугарија секогаш ја поддржуваше Македонија со сите сили и средства, дури и под ризик од сопственото постоење, борбата на македонските Бугари за автономија, ослободување и независност во согласност со она што се случуваше на светската сцена. Значи, не треба да има какво било сомневање дека и јас и Бугарија ја почитуваме современата реалност што е факт по драматичните настани од минатиот век. Само заедно, заедно како дел од едно големо демократско европско семејство, можеме да ги надминеме страдањата и раздвојувањето од минатото. Затоа мотото на Европската Унија е „Обединете се во различностите“.
Велите „македонските Бугари“. Дали ова значи дека за Вас нема Македонци, туку само Бугари што живеат во државата Македонија?
– Не. Напротив. Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец.
Но во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев… Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто. Затоа е многу битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.
Дали Изјавата на Бугарија со условите за датумот за преговори на ЕУ со Македонија е дел од официјалните заклучоци пред меѓувладината конференција за преговарачкиот пакет? Што всушност значат овие услови? Дали Бугарија ќе ги блокира преговорите на секое отворање на поглавјата?
– Изненаден сум што се поставува ова прашање. Ова не е нешто ново за вас. Бугарија отсекогаш имала многу јасна и отворена позиција од основањето на Република Македонија, од осамостојувањето во 1990 година, па сè до сега. Нашиот став е дека ние мора да се обединиме во едно објективно читање на историјата базирано на вистината. Особено кога зборуваме за 19 и почетокот на 20 век. Тоа би било фер. Ова разбирање е во сржта на Договорот за пријателство и добрососедство. Ова е дел од сите досега усвоени документи од бугарското национално собрание и од бугарската влада. Овие документи се јавни и одамна им се познати на сите во Македонија, и на власта и на опозицијата. Затоа не разбирам зошто ова прашање продолжува да се поставува.
Отсекогаш сме се залагале за помирување и ја поддржувавме вистината. Бугарија секогаш ја поддржуваше, ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува Македонија во интеграцијата во во НАТО и во ЕУ. Бугарија е првата земја што го ратификува Договорот за пристапување во НАТО. Наша единствена желба е во ЕУ да не влезат манипулациите и лагите за историјата. Затоа беше потпишан и Договорот за соседство и беше формирана експертската комисија. За жал, Македонија еднострано ја прекина работата на оваа комисија и тоа е основата на проблемот, а со тоа не се исполнуваат членовите од Договорот за добрососедство.
Како што реков и претходно, нашиот став не е од вчера и да, тие ставови се дел од заклучоците на Советот за проширување. Напредокот во добрососедските односи и решавањето на историските проблеми се клучен дел од процесот пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ.