петок, 12. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Курир дознава: Вечер во 21 часот ќе биде прогласена кризна состојба

Курир дознава: Вечер во 21 часот ќе биде прогласена кризна состојба

Вечер во 21 часот, владата ќе заседава и ќе биде воведена кризна состојба на цела територија на државата, дознава Курир.

Имено Советот за безбедност предложи, а вечерва владата ќе изгласа кризна состојба.

Откако Владата ќе прогласи кризна состојба во целата држава како што предложи попладнево Советот за безбедност, државата ќе управува, односно менаџира и со приватните болници и нивниот медицински кадар за поуспешно справување на корона кризата односно поуспешно лекување на се поголемиот број на заразени со ковид-19.

Сепак со оглед на тоа што ваква кризна состојба за прв пат ќе биде воведена кај нас, министерот за здравство, Венко Филипче најави дополнителни детали за тоа како ќе се спроведува оваа одлука во пракса, односно дали граѓаните кои евентуално ќе се лекуваат во приватни болници за време на кризната состојба ќе плаќаат по цените што ги имаат приватните болници или ќе плаќаат како да добиле услуга во јавноздравствените установи.

Која е разликата меѓу кризна и вонредна состојба

Во Уставот е наведено дека „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии“. Предлогот за воведување на вонредна состојба може да даде претседателот на државата, премиерот или група од 30 пратеници, а одлуката ја носи Собранието на Македонија со двотретинско мнозинство. Вонредна состојба може да се прогласи со рок до 30 дена. Доколку парламентот не може да се состане, тогаш одлуката може да ја донесе шефот на државата, а својата одлука ќе ја достави до Собранието кога тоа ќе профункционира. Во услови на вонредна состојба одлуките ги носи Владата со законски уредби.

Уставот вели дека во услови на вонредна состојба можат да бидат ограничени и слободата и правата на граѓаните.

Вонредна состојба беше прогласена оваа пролет поради пандемијата со коронавирусот со одлука на претседателот на државата, бидејќи Собранието беше распуштено и тогаш одлуките ги носеше Владата. Откако завршија парламентарните избори и се формираше нов состав на Собранието, одлуките за вонредната состојба претседателот Пендаровски ги достави на усвојување во парламентот.

Кризната состојба пак е наведена во Законот за управување со кризи каде се вели дека „Кризна состојба е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција и/или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси“.

Согласно Законот за управување со кризи, кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена.

Процедурата за прогласување на кризна состојба оди преку Управувачкиот комитет како тело на Владата, кој го дава предлогот до Владата, а таа на седница носи одлука за прогласување на кризна состојба.

Предлог за учество на Армијата за време на кризна состојба до Владата дава Управувачкиот комитет, а одлука за активирање на војска носи претседателот на државата, како Врховен командант на вооружените сили.

Во кризна состојба „Владата има законска можност да управува со ресурсите на државните органи, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, како и Градот Скопје, но и на трговските друштва, во овој случај приватните здравствени установи. Не станува збор за национализација, туку евентуално за нивно управување, но само таму и во обем за кои владата ќе процени дека е потребно“, даде денеска едно појаснување самиот Пендаровски, објаснувајќи што во актуелниот момент на ширење на коронавирусот и практично ќе значи кризната состојба.

Центарот за управување со кризи добива широки овластувања, односно се формира Централен кризен штаб кој ќе раководи со локалните штабови кои ќе ги има 80 на број по општините, кои ќе можат да управуваат со сите потребни државни и приватни капацитети и материјални и човечки ресурси.

Пендаровски денеска потсети дека поради мигрантскиот бран, Македонија веќе има подолг период прогласена кризна состојба на северната и јужна граница, каде полицијата и војската работат заедно.

„Откако и формално ќе биде прогласена кризна состојба, таквата соработка ќе биде возможна на целата територија, а согласно законите за одбрана и за управување со кризи со таквата соработка меѓу полицијата и војската ќе биде пружана поддршка на институциите.

Инаку, веројатно ќе има дилеми во јавноста дали можеше да се оди на прогласување на вонредна состојба на целата територија со траење до 30 дена и ќе има мислења дека за разлика од кризната состојба можеби вонредната ќе имаше поголеми ефекти на терен. Тоа денеска останува како неодговорено прашање. Но, има секако има една разлика од практичен карактер.

Прогласување на вонредна состојба овојпат ќе мораше да оди преку Собранието на Македонија, а како што вели Уставот, ќе беа потребни 80 гласови. Ќе беше потребна поддршката практично од сите парламентарни партии, за да може да се обезбеди двотретинско мнозинство. Во моментов таква поддршка веројатно е тешко да се замисли, имајќи ги предвид секојдневните партиски препукувања на тема како се справува државата со ковид-19. Во моментов владејачкото мнозинство има само 62 пратеника, речиси дваесет помалку од потребните гласови .

Најнови вести