Стабилна е состојбата со инфекцијата со РСВ-респираторен синцициски вирус, нема зголемување на бројот на новозаболени и хоспитализации, а болничките капацитети ги задоволуваат потребите за укажување здравствена грижа за децата со симптоми, констатираше денеска Комисијата за заразни болести, која на состанок ја разгледа актуелната епидемиолошка состојба во државата.
Како што соопшти Министерството за здравство, на состанокот е констатирано и дека состојбата со Ковид-19 е стабилна, нема зголемување на бројот на позитивни случаи, хоспитализирани и починати.
Ставот на Комисијата е дека четирите мерки, кои се актуелни и се уште се во сила, како што се: носење маска во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица и лица со посебни потреби, одговараат на актуелната епидемиолошка состојба и тие ќе продолжат и во иднина.
– Комисијата и понатаму ја следи состојбата со заразните заболувања во нашата држава и доколку има потреба од нови препораки за тоа навремено ќе информира, најавува МЗ.