Македонската асоцијација на новинари (МАН) најостро ги осудува заканите по живот, закани со насилство, навреди и клевети упатени кон новинарите на редакцијата Курир директно преку социјалните мрежи.
– Ги повикуваме МВР и ОЈО да ги преземат сите мерки против лицето кое се заканува по живот и да ги заштитат новинарите од вакви и слични закани, напади, навреди. Се работи за јавно објавени закани и ги повикуваме надлежните веднаш да реагираат. Истовремено, ги повикуваме политичките партии да се оградат од ваквите насилници и заканувачи и да ги осудат заканите.
Инаку, редакцијата на КУРИР повторно е мета на грозоморни закани. Досега ниту еден ваков случај не е разрешен иако за тоа имавме поднесено пријава во полиција, а на средби ги информиравме и претставниците на ЕУ и американската амбасада во Скопје.
Со оглед на ова, ги пренесуваме јавно заканите кои ги добиваме од лицето кое на својот Фејсбук профил е потпишан како Триамира Николов.
Освен на вработените во КУРИР, овој човек, посакува смрт и на нашите родители и на нашите деца!
Ваквата тортура мора да престане, а надлежните бараме ИТНО и КОНЕЧНО да реагираат!
Бараме сите надлежни институции, МВР, здруженијата на новинари, Хелсиншкиот комитет и меѓународните претставници соодветно да реагираат.
Ја прашуваме и власта: Дали е ова слободата на медиуми, заштитата на новинарите и демократијата за која со години од опозиција зборуваше?