Тоа е стратегијата на СДСМ, јас не очекувам дека они мене ќе ме пофалат или дека ќе го пофалат тоа што го работат градоначалниците. Имаше еден збор, завидлизам мислам дека се викаше, тој претходниот, уствари вистинскиот лидер на СДСМ што го користеше во минатото. Но, ако тие нека се занимаваат со ниски страсти, нека завидуваат ние ќе работиме за она што му е потребно на народот. Најпрвин велеа пионот Јаким Неделков на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, па откако гледам дека Јаким Неделков сега стана нивен добар коалиционен партнер, он си знае зошто и како, се завртеа спротивно на интересите на наставниците, па почнаа нив да ги навредуваат и да велат, ете тие биле тие кои што сакале да предизвикаат криза, да имало избори, да ВМРО-ДПМНЕ дошло на власт и т.н., вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски од Штип, запрашан за коментар на обвинувањата на СДСМ дека стои зад професорите кои се за продолжување на штрајкот во училиштата.
„Јас сум пред се просветен работник, универзитетски професор, педагог и како професор и како педагог едноставно јас немам друг избор. Ако од едната страна е корумпирана и криминална Влада, а од другата страна се наставниците и професорите, јас знам дека наставниците и професорите тогаш ќе бидат мојот избор и изборот на ВМРО-ДПМНЕ и интересот на наставниците и професорите, бидејќи тоа се луѓето кои што треба да создадат генерации млади луѓе како овие деца овдека, кој што утре задутре треба да ја градат Македонија“, рече Мицкоски.
Додаде дека негов и интерес на ВМРО-ДПМНЕ се наставниците и професорите и дека не разбира зошто Владата се плаши од пркосот и желбата за достоинствен живот на македонските работници, посочувајќи дека дури и да падне оваа влада ако се сигурни дека владата е многу јака, тогаш на предвремените избори ќе победат.
Мицкоски додаде дека суштината е поинаква и дека власта се плаши од дебакл и голем пораз на тие избори и затоа грчевито се бори за своите фотелји и привилегии на грбот на напатените и сиромашни македонски граѓани, но и дека секој почеток има и свој крај и дека тие одлучуваат дали достоинствено и недостоинствено ќе си заминат од владата.
„Мојот интерес и интересот на ВМРО-ДПМНЕ се наставниците и професорите. Јас не знам зошто Владата е толку исплашена дека овој пркос, оваа желба за повеќе правда и достоинствен живот, мислат дека е од некаде политички мотивиран. И навистина, глупаво делуваат оние изјави од страна на владата и Ковачевски дека сето ова било организирано од ВМРО-ДПМНЕ за да падне владата. Па, еве и да падне владата, ако таа влада е доволно јака на избори ќе победи. Суштината е поинаква, суштината е што тие се плашат од дебакл и од жесток пораз на тие избори и затоа грчевито се борат за своите фотелји и привилегии на грбот на овој напатен и сиромашен народ. Но, како што кажав и вчера така и денеска, секоја една работа има свој почеток но има и свој крај. Тие во владата се тие кои што треба да изберат каков крај ќе имаат, достоинствен или недостоинствен“, истакна Мицкоски.