Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните се обединети и мобилизирани на терен, потенцирајќи дека е сигурен во победата на локалните избори.
Кажав јас дека очекуваме победа, сигурни сме во победата. Инаку од власта го очекувам сето она кое што го гледав изминатите четири години, многу поткуп, притисоци, закани и тоа е што е. Ние како ВМРО-ДПМНЕ и како граѓани сме обединети дека треба да бидат поразени. Имаме сериозна мобилизација на терен, очекуваме што повеќе луѓе да излезат да гласаат затоа што со останување дома, практично ги одобруваме овие погрешни политики изминативе 52 месеци, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека очекува поткуп, закани и уцени од Заев и СДСМ, но им порача дека бадијала ќе ги трошат парите за кои како што рече тој тие се украдени пари и ќе одговараат бидејќи охриѓани се одлучни да ги поразат за сите погрешни политики.
Ако очекувате поинакво однесување од Зоран Заев и од неговиот кандидат тука во Охрид освен тоа што го видовме изминатите години тогаш се лажете. Ниту охриѓани, ниту пак јас очекувам поинакво однесување од Заев и Спасовски а тоа е многу пари за поткуп, многу притисоци, многу закани, многу уцени. Но, тоа што го слушнав од охриѓани, тие се одлучни да ги поразат и одлучни се да го изберат Кирил Пецаков уште во првиот круг за градоначалник на градот Охрид. Така што мојот совет до нив е дека за бадијала ќе ги потрошат парите и така ќе треба да одговараат бидејќи се крадени тие пари, и нека не прават притисоци, закани, уцени и оние ситни би рекол поддржувачи на Зоран Заев овде во Охрид, бидејќи и тие ќе треба да одговараат после 17ти октомври. Нека бидат достоинствени и нека бидат барем чесни во поразот кој што им следува на 17ти октомври, вели Мицкоски.