Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес оствари средба во Владата со премиерот Зоран Заев.
Како што истакна по средбата, разговарале за неколку теми и дека иако имаат различни ставови по многу прашања, дискусијата мора да продолжи.
-Отворивме прашања на неколку актуелни теми што се случуваат во државата. Нормално, за неколку од темите имавме различни мислења и различни аргументи. Ги аргументиравме своите позиции и јас и господинот Заев. Во овој момент е добро да се отвори еден ваков процес, добро е да се дискутира. Она што е во интерес на граѓаните и Република Македонија не треба да претставува табу-тема ниту за опозицијата, но повторно ќе кажам тоа го напоменав во многу наврати, дека конструктивноста не е само во едната насока, конструктивноста мора да биде двонасочна улица. Во тој дух ќе продолжиме и во периодот кој што следува, јас тука немам никаква дилема. Се разбира, ние сме претседатели на различни политички опции, на различни политики, логично е да имаме различни ставови по многу прашања, истакна Мицкоски.
На новинарско прашање дали очекува конструктивност од страна на Владата, Мицкоски истакна:
-Моја карактерна особина е да бидам непоправлив оптимист, некои викаат и утопист. Јас секогаш сум оптимист особено што сега работиме за интересот на граѓаните на Македонија. Ние постоиме за нив и ние сме должнида одговараме пред нив, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека на денешниот состанок ги аргументирале своите ставови исклучиво на факти.
Одговарајќи на новинарско прашање потенцира дека говореле за економски и образовни политики, како и за здравството, а не само за политички теми.
Мицкоски истакна дека дополнително ќе се одлучува дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во Собранието. Тој ќе одржи состанок со пратеничката група за заедно да одлучат за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста за сево ова ќе биде информирана во текот на утрешниот ден.