Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на големиот антивладен протест пред зградата на Владата на Република Македонија истакна дека вистинската реалност е дека помина година пропуштена на животите на граѓаните, година на неработа, поделби и хаос.
-Вистинската реалност, а не онаа разубавената, вештачката на Зоран Заев е следна: „Помина една година на разочарувања, изневерени очекувања и уривање на достоинството. Година пропуштена во нашите животи, година на неработа, создавање на поделби и хаос. Година на политички терор, апсења, упади, тортура. Година на економски неуспеси, на создавање трулеж во општеството.“, рече Мицкоски.
Според него поминала година на изневерени очекувања и лажни ветувања.
-Година во која народот се соочува со вистината дека ветуваа се и сешто, а не исполнија ништо. Ниту земјоделците ги имаат субвенциите, ниту докторите повисоки плати, ниту пак пензионерите повисоки пензии. Здравството ни е руинирано, болниците пропаѓаат, луѓето чекаат по ходници, цената за сето тоа ја плаќаат со најскапото нешто, со своите животи, потенцира Мицкоски.
Рече дека образованието е во слободен пад, универзитетите се на крајот на листата за квалитет во светски рамки, и оти студентите и младите се разочарани.
-Младите си заминуваат пред нашите очи, тоа значи дека Македонија се распрснува ширум белиот свет. Замира животот во македонските градови и села. А тоа е така затоа што граѓаните ја изгубија вербата. Владата ги разочара младите. Ја уништува таа полетна енергија на животот, потенцира Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ ветуваше 5 отсто раст, но во минатата 2017. растот бил нула.
-Градежништвото тоне, се гради 45 отсто помалку. Се фалат со повеќе пари во буџетот, а не кажуваат дека парите се оние собрани од арачот на народот, вашите пари од зголемената акциза за нафтата и дизел горивата. Имаме ситуација во која министерот за внатрешни работи апси само кога има политички мотивирани случаи, а има нула акции за криминалци. Патриотите во затвор, криминалците на слобода. Ова е за жал реалноста во нашата држава, потенцира Мицкоски.
Вели дека овие бројки не се само обични бројки, туку оти станува збор за реални луѓе и семејства.
-Токму овие бројки се луѓе, реални луѓе и семејства, како и реален стандард или како што Зоран Заев лажеше, живот. Зоран Заев заборави една работа, дека животот нема реприза. И нема втора шанса за времето кое изминува и годините кои се губат. Го гледам како онака поднасмеан со лажната скромност што ја глуми, раскажува како подобро се живеело и како почнало се да се подобрува. Па уште гласно вика, не шупоти, дека донел, замислете, 16 нови инвестиции во Македонија, рече Мицкоски.