Зоран Заев далеку од очите на македонската јавност, смени член на историската комисија со Бугарија, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.
Воедно, министер од владата на Бојко Борисов јавно соопшти дека во игра бил анекс на постојниот договор од 12 точки. До ден денешен, нема информации за демант на македонската влада и МНР за оваа негова изјава, што нам ни дава за право да заклучиме дека Заев преговара за анекс на договор во кој многу веројатно дека се вклучени елементи од нашиот идентитет, историја и јазик.
Премиерот Зоран Заев должи одговори зошто е сменет членот на историската Комисија? И дали со тоа се прави директен притисок и врз останатите за прифаќање на историските невистини?
Дали Заев сака од Комисијата наместо историски орган, да направи политички орган кој ќе одлучува по негова логика и онака како што тој ќе се испазари?
Дали поради тоа што не може да ја убеди бугарската страна сега менува членови на Комисијата кои даваат отпор на историските невистини и менувањето на идентитет за кој Заев преговара?
Дали ова е казна затоа што ја бранеле вистината?
Владата и Заев да одговорат дали тајната смена на членот на историската комисија, не е притисок врз одлучувањето и увертира во ново попуштање на сметка на интересите на Македонија. Зошто се крие смената на членот на Комисијата.
Историјата е јасна. Науката е јасна. Чепкање во македонскиот идентитет, јазик и историја не смее да има. Апелираме и до членовите на Комисијата да не се претвораат во маша на Заев. За тоа што ќе ги натера да се потпишат, тој дебело ќе се испазари.
Историските комисии треба да преговараат необременети од политички притисоци, а идентитетските обележја не смеат да бидат на маса на преговори, порача Мисајловски од денешната прес-конференција.