понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Многу работи ќе бидат појасни од денеска: Македонските политички лидери на средба околу преговорите за името

Многу работи ќе бидат појасни од денеска: Македонските политички лидери на средба околу преговорите за името

На иницијатива на премиерот Зоран Заев денеска во Скопје треба да се одржи лидерска средба за да ги информира претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на партиите за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас и за можноста да се даде шанса за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни.

-Би сакал да се запази редот, да има информирање за деталите. Прво да му ги соопштам на претседателот на државата, на лидерот на опозицијата, на лидерот на најголемата албанска партија, на претседателот на Собранието. Тоа е редот, за да имаме шанса да изградиме национален консензус по вака важно прашање. Веднаш по состанокот ќе дадеме изјава и сето ќе го споделиме со јавноста, рече Заев, вчера најавувајќи ја лидерската средба.

Присуството на средбата го потврди македонскиот претседател Ѓорге Иванов, од чиј кабинет вчера соопштија дека тој ја прифатил поканата на премиерот Зоран Заев за лидерската средба.

Иванов на средбата очекува да биде информиран за суштината и за деталите од разговорите во процесот за надминување на разликата околу името, истакнаа вчера од кабинетот на претседателот.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа во изјава за медиумите потврди дека ќе учествува на средбата и истакна оти ставот по однос на евентуален договор партијата ќе го каже по нејзиното завршување, откако ќе ги има сите информации.

И од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас најавија дека во претседателската палата во Атина тој ќе го извести претседателот Прокопис Павлопулос за текот на преговорите околу името.

По средбата со Павлопулос, грчкиот премиер, за истата тема, но телефонски, ќе ги извести лидерите на политичките партии, јави дописничката на МИА од Атина.

Најнови вести