четврток, 28. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Набавки во време на КОВИД-19: Нетранспарентни тендери и фаворизирање на фирми!

Набавки во време на КОВИД-19: Нетранспарентни тендери и фаворизирање на фирми!

Склучени се 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Станува збор за итни јавни набавки поврзани со заштита и превенција од ширењето на заразата од корона вирусот, односно број на договори кои се склучени во периодот од почетокот на март до 20 април. Најголема набавка има направено министерството за здравство, а тоа е набавката за респиратори. Во 44 % од случаите се преговарало само со една фирма.

Значаен дел од институциите продолжуваат со практиката, пред склучувањето на итните договори, да преговараат само со една наместо со повеќе фирми. Ова се информации од Извештајот од мониторингот на јавни набавки поврзани со корона вирусот подготвен од Центарот за граѓански комуникации.

Во Извештајот има забелешки за недостиг на информации во однос на набавка на маски, за нетранспарентна набавка на медицински ракавици и слично. Според Извештајот дел од институциите и натаму не ги објавуваат известувањата за склучен договор и самите договори.

Најголема поединечна набавка е за респираторните машини, за што се потрошени 909 илјади евра. Досега најголема набавка поврзана со кризата е онаа на министерството за здравство, кое со посебна Уредба на Владата набави 31 респираторна машина за 909.561 евро, или по просечна цена од 29.340 евра по машина. Специфичноста на оваа набавка е што се објави јавен оглас во којшто се бараа понуди во рок од три дена, со однапред утврдена максимална цена од 25.000 евра по машина (без давачки) и максимален рок на испораката од 30 дена. Добиени се девет понуди, од кои седум се отфрлени поради неисполнување на рокот на испораката, цената или други услови од повикот.

-Во 44 % од случаите се преговарало само со една фирма. Значаен дел од институциите продолжуваат со практиката, пред склучувањето на итните договори, да преговараат само со една наместо со повеќе фирми, се вели во Извештајот.

Најчесто се купува заштитна опрема, и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените. Државните институции набавуваат повеќе видови маски, од двослојни или трослојни заштитни хируршки маски по цени од 30 до 45 денари, преку заштитна маска N95 со цени од 200 до 340 денари, респираторни маски FFP3 со цена од 177 денари и респираторни маски N95 кои чинат од 66 до 97 денари, па сè до платнени маски по цена од 35 денари и хируршки маски со визир по цена од 53 денари. Шареноликост постои и во однос на скафандерите, па некои купуваат од оние за еднократна употреба, за кои плаќаат од 177 до 485 денари, а други купуваат скафандери за повеќекратна употреба, по цени од 1.180 денари.

Кога станува збор за ракавици за еднократна употреба, забележана е значајна разлика во цените: од 1,76 денари до 4,70 денари. Малопродажната цена за овие ракавици е главно 3,5 денари и произлегува дека одредени институции ги купуваат по цени што се повисоки и од малопродажните.

Со набавката на респираторните машини и пет други набавки, министерството за здравство досега склучило највредни договори за јавни набавки поврзани со коронавирусот. Следат Градската болница во Скопје, но и Градот Скопје, како и владината Служба за општи и заеднички работи. Прилепската болница е единствена локална болница на овој список, а како локални институции се јавуваат и скопското Јавно претпријатие за паркови и зеленило и Општината Бутел. Од министерствата, покрај Министерството за здравство, единствено друго со поголеми набавки е Министерството за одбрана, а од клиниките станува збор за Клиниката за гинекологија и акушерство.

 

Кај фирмите, најголеми се договорите за респираторните машини, по што следат трите фармацевтски компании – Алкалоид, Д-р Пановски и Еуро-фарм. Најголема поединечна вредност на еден договор и, воедно, фирма со највреден договор е Соникс Анастасија ДООЕЛ од Скопје, за 26-те од набавените 31 респираторна машина. Следна е втората фирма, која обезбеди 5 респираторни машини, Винора ДООЕЛ Скопје. Следи Алкалоид АД Скопје со склучени осум договори.

Според Извештајот „недостигаат информации во однос на најавена набавка на 2.000 маски од страна на Владата“. Или јавниот повик за интервентната набавка на маски е објавен на веб-страницата на Владата на 23 март 2020, додека Уредбата за интервентана набавка на заштитни маски е донесена на владина седница на 1 април. Оттука нејасно е дали претходно објавениот повик е поништен и доколку е така, каде и кога е објавен новиот повик за оваа интервентна набавка. Информации за овој повик, како и за текот и епилогот на оваа интервентна набавка не се објавени ниту на веб-страницата на Владата, ниту на Електронскиот систем за јавни набавки.

Во Извештајот се наведува дека „нетранспарентно се одвива и набавката предвидена со Уредбата за интервентна набавка на медицински ракавици“.

-Во согласност со оваа уредба донесена на 1 април сите фирми кои увезуваат медицински ракавици за еднократна употреба се должни 30% од увезените количини да ги понудат на Генералниот секретаријат на Владата по цена зголемена до 10% од вредноста на производот со сите давачки. Прво, ваквото постапување може да се протолкува како дискриминаторско, бидејќи не се однесува на сите туку само на дел од производите кои се наметнуваат како неопхoдни во периодот на справување со пандемијата Ковид-19. Второ, неопходно е Владата да најде начин целиот овој процес да го води транспарентно и навреме да ги информира граѓаните за сите релевантни информации, се посочува во Извештајот нa Центарот за граѓански комуникации.

 

Најнови вести