Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на 07 и 08 октомври ќе престојува во дводневна работна посета на Косово.
Генералот Ѓурчиновски во текот на денешниот ден ќе ја реализира редовната годишна средба со командантот на мисијата КФОР, генерал-мајор Франко Федеричи, по што ќе ја посети и регионалната команда на мисијата во Пеќ, каде е распореден нашиот контингент кој извршува задачи во склоп на мисијата, додека во текот на утрешниот ден ќе оствари средба со командантот на косовските безбедносни сили, генерал-потполковник Рахман Рама и со министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај.
На средбите, кои се дел од годинашните планирани меѓународни активности на началникот на Генералштабот, ќе се разговара за нашиот придонес во склоп на мисијата КФОР, како и за актуелни прашања во рамки на меѓусебната соработка со командата на мисијата и со косовските безбедносни сили.
Армијата на Македонија од ноември минатата година започна со директно учество во мисијата на НАТО -„КФОР“, при што нашите припадници во состав на вод за обезбедување извршуваат задачи во мултинационален баталјон во состав на регионалната команда-Запад заедно со припадници од армиите на Италија и Молдавија. Штабниот елемент од контингентот извршува задачи во склоп на главната команда на КФОР во Приштина.