Тетовчани не се единствените во земјава кои ги посетуваат и се грижат за своите роднини позитивни на ковид во инфективните болнички одделенија, иако тоа е строго забрането. Во многу градови низ земјава тивко се одобруваат такви посети, објавува Радио Слободна Европа.
Пензионерот Бахредин Сулејман кој поради потешкотии од коронавирусот бил хоспитализиран во гостиварската болница неколку дена сведочи дека посетите во ковид центарот се дозволени. Тој вели дека во болничката соба на инфективното одделение го посетиле неговите деца.
„Доле ќе го облечат во нивно одело и ќе го пуштат, ама само по еден на посета пуштаа“, вели тој.
Докторот Билали признава дека иако посетите и задржувањето подолго со ковид пациенти во болницата не се дозволени, роднините не секогаш го почитуваат тоа правило. Но. додава дека таквите злоупотреби не биле чести . Тој објаснува дека медицинските работници не можат да бидат и обезбедување на болницата.
„Значи роднини да се грижат за пациент по неколку часа немало, дури ни редовни посети немало, ви велам се случувало на пример некогаш кога е при крај, гледаат некои пациенти од емоции, им се случува да влегуваат преку прозор. И нормално нема ни да го забраниш, кога некој човек губи близок човек од семејството, нема резон јас или сестрата да се бави со тоа да не му дозволи да влезе внатре кога нас ни е приоритет да дадеме се од нас да спасиме колку што можеме“, вели Билали.
Министерот Венко Филипче на прес конференцијата еден ден по трагичниот настан во Тетово беше дециден дека посети во инфективни одделенија каде што се лечат пациенти со заразни болести се строго забранети.