Економската криза допрва доаѓа, ова е само почеток, за жал доаѓаат тешки месеци за сите граѓани на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните не гледаат капацитет на оваа влада да се справи со овој проблем, изјави за “Инфомакс” потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
-Ние како ВМРО-ДПМНЕ понудивме решение, а решението е оставка на оваа влада, да си замине Зоран Заев, да се формира Влада за национален спас која што ќе се справи со трите кризи, здравствената, економската и кризата во делот на евроинтеграционите односи со Бугарија. Македонија се наоѓа во најголемата криза од своето осамостојување до денес и начинот да се реши оваа криза е најголемите умови да се соберат на едно место во една влада за национален спас поддржана од сите политички партии. И после нормализацијата на состојбата, да се оди на предвремени избори на кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе издвои голема победа. Ние и нашите членови сме во одлична кондиција. Има една народна “зад добар коњ прашина се крева”, а многу прашина гледаме во последниов период, вели Николоски.