Владината мерка со која еден родител се ослободува од работните обврски доколку има дете/деца до 10 годишна возраст за негово/нивно чување во домашни услови поради новонастанатата состојба со коронавирусот во земјата, донесе многу нејаснотии и отвори голем број прашања.
Оваа мерка не важи за лицата вработени во здравствените установи, полицијата, војската и пожарната. Дополнително на владина седница ќе се разговара и за вработените во Царинската управа.
Но, што со самохраните родители вработени во овие сектори и како да се постапи во ситуација кога двајцата родители се вработените во некои од наведените сектори?
Ова се одговорите и деталите на прашањата:
-прекинот на работата на дневните центри за згрижување на лица со попреченост: ослободувањето на родителот е проширено и на овие лица кои се до 26 годишна возраст со потврда дека се корисници на таква услуга
-двајца родители вработени во наведите сектори: еден од родителите се ослободува од работа
-самохрани родители вработени во наведите сектори се ослободуваат од работа
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека донесените мерки од владата важат за сите вработени и во јавниот и во приватниот сектор и нивно непочитување ќе биде казнети согласно членот 205 и 206 од казнениот законик.
Од Министерството за труд и социјална политика информираа дека отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува. Истите ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата.