Иако најавено дека неделава ќе започне селекцијата на ученици по случаен избор за скрининг и прашувањето на родителите дали се согласни нивното дете да биде тестирано – процесот сè уште не започнал. Допрва ќе се бараат одговори дали коронавирусот се крие и пренесува помеѓу најмладите односно помеѓу учениците, пренесе Телма.
Експертите велат дека иако примерок од 8.200 ученици колку што ќе бидат дел од процесот не е голема бројка земајќи предвид дека има над двесте илјади ученици во земјава, сепак ќе биде доволно да се добие одреден показател, со оглед на тоа што голем дел од учениците не се ни свесни дека се или дека биле заразени, бидејќи повеќето се асимптоматски носители на вирусот.
Иако родителите чекаат повеќе информации и детали за Корона-скринингот на нивните деца, од Министерството за образование и наука сè уште не сакаат ништо да откријат.
Од Министерството за здравство, пак, во одговор за Телма велат дека во овој момент се креира примерокот и се прецизира во кои училишта – кои деца ќе се тестираат. Во вторник, кој е и прв работен ден во следната недела, ќе започне прибирањето дозволи од родителите или старателите за тестирање ученици. Како што информираат здравствените власти, токму скринингот на учениците ќе даде одговори за понатамошниот тек на менаџирањето на образованието во време на пандемија, објави телевизијата.