понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Одбележана 7-годишнината од формирањето на Иванов Школа за Лидери – Алумни Асоцијација (ИСЛАА)

-Ме радува што сега Светскиот форум на бизнис ангели го препозна тоа што го работиме и ја додели наградата за светско лидерство, која е резултат на сите вас досегашни учесници и на сите ваши залагања, рече македонскиот претседател.
Одбележана 7-годишнината од формирањето на Иванов Школа за Лидери – Алумни Асоцијација (ИСЛАА)

„Ме радува што основните принципи што ги воспоставивме на Школата за млади лидери, меритократија, прагматизам и чесност, вие ги негувате и ги практикувате, им порача претседателот Иванов, вчеравечер, на учесниците на Школата на одбележувањето на 7 – годишнината од формирањето на Иванов Школа за Лидери – Алумни Асоцијација (ИСЛАА).

Македонскиот претседател обраќајќи се кон младите, рече дека тие се генерација која преминува од еден во друг милениум, која создава sharing економија и функционира во светот на blockchain, додавајќи дека во такви околности треба да се биде што повеќе поврзан и интерактивен, бидејќи само на тој начин се создаваат повеќе можности и се решаваат предизвици.

-Оваа година настојуваме деветтата по ред Школа за млади лидери да биде посветена на старт-ап филозофијата, за младите луѓе во Македонија да не очекуваат некој друг да им ги создава условите, туку тие самите да ги создаваат условите и да бидат дел од трендовите коишто се случуваат во светот, рече македонскиот претседател.

Потсетувајќи на мотивот за организирање на ваква Школа, кога како професор влегол во политиката,  тој истакна дека истата станала бренд и благородна идеја која треба да се негува и да продолжи во иднина. Воедно,  изрази благодарност и до поддржувачите  на Школата за сето она што го направиле во изминативе години.

За време на одбележувањето на 7 – годишнината од формирањето на ИСЛАА, на претседателот Иванов му беше врачена публикацијата од Светскиот форум на бизнис ангели, кој го прогласи за Најдобар лидер којшто инвестира во новите генерации, а проектот Школа за млади лидери беше препознаен како најдобар општествен проект за 2017-та година во Европа.

-Ме радува што сега Светскиот форум на бизнис ангели го препозна тоа што го работиме и ја додели наградата за светско лидерство, која е резултат на сите вас досегашни учесници и на сите ваши залагања, рече македонскиот претседател.

На одбележувањето присуствуваа повеќе гости и пријатели на Школата за млади лидери како и претставници на дипломатскиот кор меѓу кои и амбасадорот на САД, г. Џес Бејли, францускиот амбасадор г. Кристијан Тимоние, амбасадорите на Јапонија и на Кина, г-а Кеико Ханеда и г-а Јин Ликсијан, амбасадорот на Швајцарија г-а Сибилe Сутер и амбасадорот на Црна Гора г. Предраг Митровиќ.

Конкурсот за деветтата по ред Меѓународна обука за млади лидери што ќе се одржи од 20 август до 31 август во Охрид, беше објавен вчера. На конкурсот, што е отворен до 23 мај, може да учествуваат сите млади од Македонија и наши иселеници што живеат во странство. Условите за конкурирање, предвидуваат апликантите да имаат одлично познавање на англиски јазик, да имаат просек, еднаков или поголем од 8,5 на додипломските студии, а работното искуство од минимум една година ќе се смета за предност. Апликацијата, што треба да се достави до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, треба да содржи биографија, кратко мотивациско писмо, копија од уверение за положени испити, потврда за напреден степен на познавање на англиски јазик и две препораки.

Школата за млади лидери за прв пат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид. Во изминатите осум години на школата учествуваа околу 320 млади луѓе со различна академска и професионална определба. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кадешто преку организација на семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.

Најнови вести