петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Одговорноста за 45 загинати падна на административен службеник, никој од владата не превзема одговорност

Одговорноста за 45 загинати падна на административен службеник, никој од владата не превзема одговорност
МИА

Денеска е трет ден на жалост по трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица додека седуммина беа повредени, главно македонски државјани.

Сите надлежни во државата велат по медиуми дека одговорност за оваа трагедија ќе има, но граѓаните се уште не гледаат некоја разврска. Имено, министерството за транспорт и врски вчера ѝ ја одзеде лиценцата на компанијата „Беса транс“ откако беше утврдено дека автобусот кој изгоре во Бугарија не бил пријавен за меѓународен, ниту пак за друг вид јавен превоз на патници. Од ресорното министерство посочија дека фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Туристичката агенција „Беса транс“ вчера на социјалните мрежи демантираше дека во автобусот, во кој загинаа 45 луѓе, била шверцувана нафта, бензин или пиротехнички материјал. Во објава на профилот на Фејсбук, туристичката агенција апелира до медиумите да не се шират шпекулации коишто ќе ѝ наштетат на истрагата.

-Како агенција ги информираме семејствата на починатите и повредените во трагедијата дека автобусот во никој случај немал багаж за шверц на нафта, бензин или пиротехнички средства, се вели во вчерашната објава на социјалните мрежи од „Беса транс.“

Двајца царински службеници ќе бидат суспендирани, а нивниот непосреден раководител ќе биде санкциониран, информираа вчера од Царинската управа. Ваквата одлука доаѓа откако првичните наоди од внатрешната контрола покажале дека на 18-ти ноември, цариниците не го евидентирале електронски излезот на автобусот на „Беса транс“, односно само извршиле заверка на евидентен лист за превоз на патници.

Дополнително, од Царинската управа велат дека за возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на „Беса транс“ во кое пред два дена загинаа 45 лица во Бугарија има евидентирано повеќе преминувања во периодот од 15-ти октомври до 11-ти ноември.

-Во интервјуата за хрватската РТЛ и црногорската РТЦГ истакнав дека за утрешниот ден бугарските истражни органи најавија обраќање со првични резултати од истрагата за автобуската несреќа, објави ввчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук-профил.

-Врз основа на резултатите од истрагата ќе постапиме, гарантирам дека органите ќе реагираат брзо и ефикасно. Идентификацијата на загинатите е започната, а на истата работат заеднички тимови од институтите за судска медицина од двете земји, при што македонската страна учествува во обезбедување на ДНК материјал од роднините на загинатите, објави Спасовски.

Министерот Бочварски во вчерашната изјава за телевизија Телма потсети дека Владата на седница донесе два заклучока од кои едниот е Државниот инспекторат за транспорт веднаш да направи контрола во „Беса транс”.

-Истрагата е во тек, Царинската управа има свои ингеренции и надлежности. Веројатно ќе се направи внатрешна контрола, ќе се провери дали, каде и каков пропуст имало. Не би сакал да прејудицирам, посебно не за друга институција – како постапувала, дали постапувала по закон, дали постапувала по закон, каде е пропустот и дали имало пропуст. Кога ќе излезат со нивните сознанија за овие прашања, има надлежен раководител и ќе ги кажат сите детали за постапувањето по овој предмет. Очекувам Царинската управа да излезе со конкретни информации за возилото. Моите очекувања се дека во текот на денот Управата треба да излезе со целата документација околу ова прашање, рече Бочварски.

Освен двајца царински службеници кои ќе бидат суспендирани, а нивниот непосреден раководител ќе биде санкциониран, друга казна за владините институции нема за пропустот кој што е случен во врска автобусот кој патувал без соодветна лиценца. Нема се уште одговорност од страна на министерството за транспорт и врски, министерството за внатрешни работи и државниот инспекторат за транспорт.

Најнови вести