Осум години тага во Македонија, болка и потрага по правдата!
На 12-ти април 2012-та година во нашата држава се случи едно од најгрозоморните злосторства во поновата историја.
Кобниот Велики четврток убиените се четири момчиња на возраст од 18 до 21 година: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски.
Крвнички беше убиен и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога биле најдени телата на убиените.
Обдукцијата врз убиените покажал дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција, што сугерира дека има повеќе од еден извршител на чинот.
Жалеше цела Македонија, но најмногу жалеа родителите на овие деца. Животот беше пред нив, а монструмите крвнички ги убија.
Во моменти кога се мислеше дека нивната болка не може да биде поголема и дека со нив сите сочувствуваме, јавноста беше шокирана од начинот на кој со нив изманипулира Зоран Заев. Во неговата тогашна желба да стане премиер, буквално газеше по мртви.
За време на “бомбите“ Заев јавно изјави дека има докази со кои ќе докаже дека осудените во „Монструм“ се неправедно осудени. Потоа кажа дека грешно бил разбран. Постојано повторуваше дека “бомбата“ за Смилковско ќе открие нова вистина за случајот. На секоја прес-конференција и на интервјуата добиваше новинарски прашања кога ќе биде објавена таа снимка и тој одговараше секогаш различно. Но, тврдеше дека ќе ја открие вистината.
Потоа ги обвини новинарите дека “грешно го пренеле“.
-Најверојатно станува збор за погрешна интерпретација на самиот новинар, но секако големи сомневања се врзани за овој случај. Со обелоденувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на Владата „Монструм“, како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе обелодени болна вистина, рече Заев во мај 2015-та.
Погледнете детали од тогашниот прилог на телевизија Телма.
На родителите им даваше лажна надеж и лажни ветувања. Изминативе години поради најавите на Заев, медиумите често пренесуваа изјави на родителите. Нивните зборови се болни!
Секое рочиште за нив, ја отвора раната која им ги распарчува срцата.
Горан Наќевски, таткото на Александар едно од убиените момчиња кај Смилковско Езеро на едно рочиште во судот истакна дека премиерот Зоран Заев на средбата со нив им покажал транскрипти од разговор меѓу Невзат Бејта и еден од обвинетите.
-На една од средбите, сегашниот премиер Зоран Заев ни кажа дека тие броеви се на пет функционери од ДУИ, а ни покажа и транскрипт од разговор воден помеѓу потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта со обвинетиот Фејзи Азири. Не ни ги даде транскриптите бидејќи ни рече дека ќе сторел кривично дело, но затоа бараме од судот да изврши претрес во СДСМ и да ги одземе овие документи. Бараме и Заев, ако треба и стражарно да се донесе во судница, па тука да се соочи со сите родители за да видите дека ја зборуваме вистината, рече таткото на Наќевски.
И мајката на свирепо убиениот Александар сведочеше за ваквите материјали кои им ги покажувал Зоран Заев.
-Се слушаше гласот на Фејзи Азири и непознатото лице: „Вечерва сонував лош сон. Сонував како му ги врзуваат рацете на момчето и плачев. Си велев, да не нè се израдувам, да не нè го завршам тој никаквец“, цитира Зорица Наќевска, мајката на Александар, дел од транскриптот од разговорите.
Ова само потврдува дека Зоран Заев прилично добро бил информиран за случајот „Монструм“, за сторителите, за јатаците и за контактите на обвинетите со функционерите на ДУИ.
Осудените излегоа на слобода, рочиштата се развлекуваа. Немаше спокој за родителите.
Пред два месеци Заев, конечно, беше повикан на суд
Сите материјали кои ги поседувале СДСМ за случајот „Монструм“, биле предадени во СЈО. Ова го изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро сведочеше на рочиште во Кривичниот суд на 3-ти февруари годинава.
Тој рече дека од самиот увид на материјалите се гледа дека нема целосно континуитет односно луѓето кои биле вработени во МВР не можеле секогаш да земаат копии од тие материјали и да ги достават до тогашната опозициска СДСМ.
„Дел од тие разговори ги имав слушано и ги споделив со јавноста, но тоа беше сосема мал дел“, рече Заев.
На прашањето како оценувал што е важно во еден прислушуван разговор, Заев кажа дека преслушувањето на снимките го вршел лично тој, а и одлуките исто така.
„Видов разговори во форма на транскрипти што ги поседуваше тогаш СДСМ. Имаше во нив имиња и презимиња од првостепено осудените лица во ’Монструм‘. Селекција не може никој да направи, зашто докрај не може да се знае што од тоа се докази, што не. Но, кога ќе видите разговори меѓу Фејзи Азири и друго лице, знаете дека тоа е осудено лице за убиствата. Исто и за другите осудени. Имав увид за комуникација меѓу лица осудени за убиството“, одговори Заев како ја направил селекцијата на бомбите за „Монструм“.
Тој потврди дека неколкупати се сретнал со роднини на убиените момчиња, кои сакале да добијат повеќе информации од „бомбите“.
Им презентирал аудио материјали кои ги побарале, без да им даде копија.
За тоа што јавно не ги објавил материјалите, Заев рече дека единствена причина била што сметал дека не постои целовитост за создавање целосна слика, и затоа на крајот решил, се што поседува, да не биде објавено, туку дека да биде доставено до СЈО, за тие да ги употребат за докажување на вистината за „Монструм“ пред судот.
„На мајките сте им кажале дека на Смилковско езеро има паднато телефон на Синиша Алекосовски, вработен во Агенција за разузнавање, дали имате докази за тоа? Од вашата несериозност ние имавме додатна болка”, рече родителот Горан Наќевски.
„Не се сеќавам точно на разговорите со мајките на децата убиени кај Смилковското езеро. Ако сум кажал таква работа, тоа било бидејќи доаѓале секакви информации. Поставувавте секакви прашања кои мислевте дека ќе ве доведат до вистината. Искрено, без било какви обиди за манипулација или било какви скриени намери, секогаш сум ги давал одговорите пред вас и пред јавноста. Овде ќе напоменам дека во период кога беше јасно дека поседувам сериозни докази за неовластено прислушкување сум можел да користам секаков вид на интригантни изјави од било кој карактер и било кој случај за било какви интереси – но тоа никогаш не сум го направил. Не се сеќавам на прашањето за Трајко Вељаноски. Но, ако ме прашате дали имам докази против него – не сум видел и немам никакви докази против него, освен неточни писанија кои сум ги видел во медиумите од квази-новинари”, рече тој.
Еден од родителите го праша поранешниот премиер и дали Фејзи Азири комуницирал со Мухамед Зекири од СДСМ.
„Дали некој од вашата партија комуницирал со нив?”, праша родител, на што Заев кратко одговори: „Не”.
„Мухамед Зекири никогаш ми нема кажано дека е пријател со обвинетите”, рече тој.
Наќевски го праша експремиерот и „дали правел притисок директно или со свои сопсртијци, Врховниот суд да донесе ослободителна одлука“.
„Не ми паднало на памет да се јавувам по судии за носење на пресуда за овој предмет или било кој друг. За тоа прочитав од медиумите”, рече Заев.
Претходно, во судницата беше пуштена снимка од собраниска седница, на која Заев зборува за случајот „Монструм“ како одговор на прашање од пратеникот Зоран Илиоски.
Тој одговара на пратеничко прашање на пратеникот Зоран Илиљовски.
„Вие како опозиционер изјавивте дека имате прислушувани материјали со кои се расветлува сучајот ‘Монструм’. Дали имате докази и дали навистина ја откриваат вистината или доколку не е така, дали чувствувате одговорност што ги манипулиравте родителите на тие деца?, гласи прашањето на пратеникот до Заев.
Тогашниот премиер Заев, од собраниската говорница, вели:
„Ако Заев имаше конкретни докази, тие докази, бомби, ќе беа пуштени до крај . Во доказите има сериозни индиции и затоа се доставени до обвинителството. Еден од родителите слушна разговори на обвинетиот Фејзи Азири како разговара со градоначалникот Невзет Бејта и го моли за субвенции. Ги виде и тие телефони кои наводно биле скриени. Не смеев да ги објавам јавно, но имаше право да ги види родителот. Сите докази се доставени до СЈО, а има и дополнителни докази кои треба да се истражат“, вели Заев на снимката.
Доста со манипулации, оставете ги да почиваат во мир!
Во петкратното убиство на 12-ти април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, а на осудените им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето, „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.