Откако викендов редакцијата на КУРИР се обиде информацијата за позитивната наставничка од ова училиште да ја потврди од директорката на основното училиште „Владо Тасевски“ таа на игнорантски начин ја спишти слушалката.
-Од КУРИР?, има мене кој да ми ја потврди информацијата, пријатно, кратко ни одговори директорката Елка Даскалова.
По ова одговор побаравме од општина Карпош која дури денеска на првиот работен ден, по споениот викенд ни ја потврди информацијата дека во ова училиште има позитивна наставничка.
„Почитувани, информацијата е точна. Се работи за наставничка по англиски јазик во 2 одделение, но по констатираната состојба, ( во средата), наставничката веднаш постапила по протоколите и мерките за самоизолација и останала дома. Заразена е надвор од училиштето, односно контактот со заразено лице од Ковид-19 го имала надвор од рамките на ООУ ,, Владо Тасевски“. По консултација со епидемиолот, и согласно протоколот и алгоритамот предвиден од Комисијата за заразни болести, е одлучено, учениците од ова одделение да не одат во самоизолација. Основните училишта, кои се под ингеренции на Општина Карпош, максимално ги следат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19 пандемијата“, стои во нивниот одговор.
Од таму додаваат дека градоначалникот Стефан Богоев, беше во посета на ООУ „Лазо Трповски“, да ја увиди фактичката состојба на спроведување на наставата со физичко присуство, но и он лајн наставата. Првиот човек на Карпош апелираше на максимална ажурност, внимателност и почитување на мерките за заштита од овој вирус, на сите кои учествуваат во воспитно-образовниот процес во Карпош.
Инаку освен во Карпош, речиси алармантна е состојбата и во останатите скопски општини каде има позитивни случаи на наставнички и ученици.
И додека Министерството за образование и наука се уште „спие“ сликата е иста и во сите градови во земјава, се повеќе деца од најмала возраст и нивните наставници се заразени или се во изолација поради вирусот.