Пациентката кај која е потврден првиот случај на коронавирусот во Македонија, се чувствува добро и има лесна форма на клиничка слика, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека во текот на вчерашниот ден биле исконтактирани сите патници од комбето со кое таа патувала од Италија кон Македонија, сите се во соодветна изолација во домашни услови.
-Направен е контакт со сите лица со кои контактирале овие патници. Телефонски се исконтактирани сите и укажано им е дека треба да почекаат денеска да бидат контактирани од екипите на епидемиолози и од припадниците на МВР. Кај дел интервјуата се завршени, кај дел се врши во моментов. Добро е што скоро сите укажуваат на тоа дека немале контaкт со голема маса на луѓе, пред се’ контактите им биле во рамки на семејствата, во куќите во кои живеат или во дворовите. На сите ќе им биде назначена изолација, истакна Филипче.
Министерот додаде дека во 13 часот е закажан состанок на Комитетот на кој со полициските припадници треба да се договори дали согласно условите на изолација, ќе продолжи домашната изолација или лицата ќе бидат пренесени во претходно утврдени центри со инфективни одделенија.