Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски од денеска ја започнува дводневната официјална посета на Грција, што воедно е и прва на највисоко ниво меѓу двете држави, со оглед на тоа дека досега, ниту еден претседател на нашата земја не ја посетил Атина, ниту пак некој грчки претседател бил во Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот ќе оствари средби со грчкиот државен врв, ќе биде примен од неговата грчка колешка, а ќе се сретне и со грчкиот премиер.
Посетата започнува утрово со положување венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред грчкиот Парламент, по што Пендаровски ќе се упати во Претседателската палата, каде што на официјална церемонија со државни и воени почести, ќе биде пречекан од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.
Сакеларопулу и Пендаровски ќе имаат тет-а-тет средба, како и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
Од Претседателската, претседателот Пендаровски ќе замине за Премиерската палата, каде што ќе оствари средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а во текот на денот ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.
Во рамки на посетата, претседателот ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на министерка за култура и спорт на Грција Лина Мендони.
Од Кабинетот на претседателот, во соопштението за официјалната посета истакнаа дека „претставува прва историска посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави“.