Стево Пендаровски е во посета на Република Полска, која според екс премиерот и претседател на СДСМ (од чии редови Пендаровски доаѓа), Зоран Заев, спаѓа во групата на земји во светот кои имаат сериозни проблеми со правото и правната држава.
Денеска Пендаровски е пречекан од неговиот колега Анджеј Дуда. По тет-а-тет средбата на Пендаровски со претседателот Дуда, делегациите на двете држави одржаа пленарен состанок на кој се потврдија искрените пријателските односи и политички дијалог, се вели во соопштението на неговиот кабинет. Полска е постојан поддржувач на нашите евро-атлантски интеграции и за време на посетата на Пендаровски се очекува да биде реафирмирана поддршката за С. Македонија да отпочне претпристапни преговори за ЕУ, велат од кабинетот на Пендаровски.
За потсетување, на 17.10.2019 година, т.е. пред само три ипол месеци, при обраќањето во Виена, говорејќи за европерспективите во регионот тогаш премиерот Заев нагласи дека и земји-членки на ЕУ имаат проблеми слични како нас. Според Заев, Полска и Унгарија имаат сериозен проблем со владеењето на правото и внатрешни проблеми и дека нив ги споменува транспарентно.
-„Ние сакаме да бидеме дел од Европа бидејќи ние веруваме во европските вредности. Понекогаш можеби повеќе веруваме во тие европски вредности од некои држави членки. Споменувам транспарентно, држави како Полска, Унгарија каде имаат проблеми со владеење на правото и други внатрешни проблеми“,-рече сега веќе екс премиерот Заев.
Од Кабинетот на Пендаровски не соопштија дали при неговите средби со колегата Анджеј Дуда, станало збор за тврдењето и обвинувањето на Заев, лидер на владејачката СДСМ, кој директно обвини две земји од Вишеградската група, најсилните поддржувачи на Македонија во ЕУ во Европа, за непочитување на правото и внатрешни проблеми.