сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Сите приказни… Не се исти

Сите приказни… Не се исти

Велат, сите прикаски биле исти. Или и не е токму така? Фразата дека се исти најчесто се користи во секојдневието за психолошко оправдание од глупостите и белјите кои самите ги создаваме. Она, бедното правдање за личниот неуспех, ломотење за судбината, неизбежното, те фатум било, те свршена работа. Македонското „што да правиш, што ќе правиш, така ни било пишано!“

Абе, ајт таму. Приказните не се напишани, траат, а крајот го одредуваме ние самите, народот и никој друг. Така и нашава, недовршена МАКЕДОНСКА ПРИКАСКА…

Туку, сите ја знаеме прикаската за волкот и трите прасиња, нели? Или, сепак, и не била баш таква? Може да биде и мноооогу поинаква. Да се кладиме?

Што, на пример, ако знаете дека трите прасиња биле узурпатори, кои преку тоа што биле на власт (барем едно од нив, погодувате кое) без никакво право ги изградиле своите куќи на земјата на волкот домородец кој имал и „турска“ тапија за истото? Стара, позната и историска прикаска. Значи, тој не сакал да ги избрка на правдина, туку прасињата биле оние кои насила се насадиле онаму каде не смееле.

А, и кај нив имало разлика. Сите до вчера голтари, ама не и откако едното станало функционер. Првото, со сламата, било најсиромашно, најлесно партиски инструирано, хонорарен лепач на плакати. Второто прасе малу побогато, со голем елан да голта без да џвака, партиски вработено, па изградило куќа од прачки. Третото да ти било политичар, манипулатор и лажго, нешто ѓоамити Заев, Рашко, Али и Таче, та изградило хациенда. Затоа и несреќниот волк, кој имал целосно право да ги избрка зулумќарите прасечки од земјата на неговите дедовци, не успејал да ја сруши последната. По лажната пријава на прасето мафијаш/функционер, дошла џандармеријата и го затворила волкот. Го осудиле на 20 години за рушење туѓи куќи на свој имот. Излегол како маж/волчиште за 5 години, оти во меѓувреме стигнала аболиција од Стразбур. Трите прасиња имале различна судбина. Кога почувствувало дека спонзорот/чадорот/заштитник го напушта и оти ќе одговара за криминалот со кој ја изградило хациендата, прасето политичар ги избркало браќата. Така бездомни, едното завршило како гробар во Германија, второто како клошар во Америка. Најбогатото прасе завршило најлошо, зад решетки. Го суделе за арамилак, за корупција и за велепредавство. 5+5+15=25 години зандана…

А прикаската за Снежана и седумте џуџиња?  Ок, се’ си било како што запишале браќата Грим, ама не завршила така. Уште многу работи се случиле по „крајот“ на сторијата.

Мислите дека на 7-те доблесни и храбри џуџиња им било супер и лесно откако нивната љубимица заминала? Ја спасиле преубавата принцеза, се грижеле за неа, ја направиле човек, ја убиле вештерката и лоша кралица ризикувајќи го животот, и? И дошол принцот од немајкаде, ја бакнал и девојката која сите 7 мали мали луѓе ја гледале како сопствена ќерка биле пресреќни со тоа што таа „тек-така“ си заминала? Јок. Прикаската има друг крај…

Било што било, Снежана се вљубила во прекрасниот и богат принц, љубов на прв поглед. Арно ама, принцот суртук не бил баш тоа што се претставувал. Убавиот параспур ја барал под дрво и камен истата таа Снежана, затоа што кралството негово било,буквално, пред стечај. Сите пари од неодамна му починатиот татко и добар крал, хохштаплерот во руво на принц ги прокоцкал и потрошил по жени, журки, дроги и аздис. Снежана му била спас од банкрот на кралството, а за среќа и ја нашол. Таткото крал на невестата набргу починал од чувството на вина што не приметил што лошата маќеа и правела на ќерка му, па кралствата се споиле, а со тоа и финансиите. Рај за принцот трошаџија. Прво време, убавината на Снежана ја вадела работата и шизофрениот принц бил мирен. Имале и три дечиња, кое од кое преубаво. Ама ѓаволот и старите навики работеле, па прво суртукот се криел и правел глупости, за набргу да го покаже и своето вистинско лице на распрден, богат вагабонт со искривени шарени вредности. Снежана не трпела, му враќала, па почнал да паѓа и ќотек. Арно ама, аберот стигнал до нејзините седум заштитници кои го следеле секој чекор на нивната поќерка. И, го претепале ли? Јок.

Седумте џуџиња биле преумни, а имале и рудник за дијаманти и злато. Сите овие години планирале како да и’ помогнат на својата бела ко снег поќерка-божица, па смислиле и план. Знаеле се’ што се случува на дворот и планирале ли планирале, до ситница. Од страна, му пуштиле муабет на принцот за позајмица, а тој пак поради курварлукот, распашаноста и коцката, должел пари на сите страни. И му давале пари без проблем, оти имале на претек пустите, ама со солена камата. Тие, пак,  си живееле скромно, како и секогаш, а долгот на суртукот растел ли растел…

Токму кога параспур-принцот почнал да ја тепа Снежана, џуџињата ги активирале извршителите. И му го земале кралството. Должел копукот за кралство и половина. Нешто ко задолжувањата на Заев и Таче кај нас, ви текнува.

И џуџињата победнички дошле на дворот каде Снежана ја поставиле за неприкосновена кралица, а тие биле Влада во сенка. На малечките, добри луѓе им било доволно што нивната божица е до нив со своите прекрасни дечиња. На чистите души и не им требало ништо повеќе.

Детронираниот принц се обидел да се спаси со влез во СДСШСХБР партијата на „синокрвните“ наследници на претходниот систем и пак крадејќи од народот да стане богат, ама го фатиле со рацете во медот и во обид за рушвет за тендер, та го фрлиле во зандана. Таму се обидел да игра на картата дека е репресиран Бугарин, но и тоа не му поминало, оти со новата власт во државата, соседите престанале да аздисуваат и го чекале „ко леб“  враќање на СДСШСХБР на власт, нешто што никогаш и не се случило. Кога излегол од затвор како побелен старец, му се разбудила совеста па јавно се покајал за глупоштиите, арно ама, било предоцна…

Со парите на џуџињата и нивните ултра-бизнис афинитети во комбинација со добрината и емпатијата на кралицата Снежана, до вчера најнесреќното кралство станало кралство/држава со најсреќниот народ. Не само што не бегале од татковината, туку дијаспората почнала и да се враќа дома, вистинските вредности исто се вратиле на голема врата, а иднината изгледала многу убаво, светло, примамливо и  промакедонски…

Да, можеме на сите приказни да им дадеме друг крај, многу поинаков и посреќен. Шегата на страна, неа одамна (2017-та) ѓаволот ја однесе од Македонија.

Истото, можеме да го сториме и со нашата, македонска прикаска. Ова  е далеку од крај. Оти, што сега, Црпко, Таче и Алија сменија име на сила, устав, не понижија пред светот, распродаваа национални светии и историја и им угодија на Грци и Бугари, испозатворија еден куп браќа на правдина, направија триста глупоштии и како завршуваат со задачата ќе си се пензионираат и со милионите и струја-бизнисите ќе одјаваат тивко кон зајдисонцето или грчките плажи? И, си живееја среќно до крајот на животот???

Северен хепи-енд, а? А ние суртуци изрезилени, но со„крстот  на чело“, ќе си молчиме, ќе голтаме смрдливи злодејанија со затнат нос ко што предлага безобразниот амбасадор и ќе проголтаме и Бугари во Устав, поделби на територија во најава, нови срамови ли? Јок, не бива.

Ајде, да ја смениме нашата прикаска. Овие напатени народ и држава заслужуваат многу поинаков крај. И да, Македонија не е вечна поради тоа што нашите предци, чии гробови денес некој ги погани, во минатото седеле со скрстени раце и чекале со наведнати глави. Крајно време е да проработи македонскиот ген и непокор, па наскоро да гледаме сеир со големата преселба на „северните народи“ во правец Влада-Шутка-Идризово.

Родителите не не’ учеа да одиме, за да ползиме пред  други, нели?

И не, сите приказни не се исти…