Писмо од читател кое пристигна до редакцијата на КУРИР:
Би почнал со цитат од Претседателот Пендаровски кој пред неколку дена изјави: „Неспорно е дека граѓаните во еден дел, јас би рекол дека многу мал дел не се дисциплинирани, но мислам дека еден дел и од државните институции се недисциплинирани и таа недисциплина се должи на селективноста при постапување и спроведување на законите и мерките.„
Економски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ е еден од неколкуте државни институции кои не ги почитуваат препораките за заштита од Ковид 19 и со тоа се добива впечаток дека не се грижат за здравјето на своите вработени, па од таму и за своето.
За разлика од останатите факултети во кампусот, Филолошки, Филозофски и Правен каде вработените ротираат со цел намалување на контактите, Економскиот факултет “неуморно работи“ како да не постои пандемија. Ниту во време на уписи кога имаше по 3000 студенти, вработените не ротираа ниту пак сега (постои опција за ротации, работа од дома итн). Во време кога има над 1000 заболени дневно и пандемијата е во полн ек и речиси најголем дел од институциите изнајдоа начин да ги заштитат вработените без да го загрозат работниот процес, Економски факултет кој воедно важи за елитна научна образовна институција како да не е воопшто загрижена ниту посветена во насока на заштита на здравјето.
Наставниот кадар работи од дома и контактите ги сведува на минимум, а тоа не важи и за техничкиот и административен персонал кои се присутни целиот работен ден од 8 часа и го минуваат заедно со други колеги во работни простории каде не е можно да се спроведат мерките за заштита.
Се поставува прашањето, која е целта, кога и меѓу вработените има хронични болни, а се појавија и првите позитивни случаи на Ковид 19, да не се превзема ништо и да се продолжи со арогантниот игнорантски однос кон пандемијата. Повеќе од јасно е дека со ваквото постапување веројатноста сите вработени да се заразат е голема, со тоа да се доведе во ризик секој вработен поединечно, а на крајот од се и на подолг рок да се загрози работниот процес.
Дали раководството е спремно да превземе одговорност доколку некој од вработените се зарази внатре?