И Хари Локвенец, пратеник на СДСМ, се вклучи во новата шема на партијата во која граѓаните на Македонија се „плашат“ со враќање на уставното име Република Македонија и поништување на Преспанскиот договор. Најпрвин со партиски утрински соопштенија, па со специјален прес на лидерот Заев, СДСМ откри што ќе биде основата на нивната кампања на претстојните предвремени парламентарни избори. Пи-ар статезите се согласуваат дека двете нишки на кои ќе се базира кампањата на владејачката партија ќе бидат враќањето на „режимот“ и „плашење“ со враќање на уставното име преку поништување на Преспанскиот договор.
Денеска Локвенец изјави: „ВМРО-ДПМНЕ на македонските граѓани не им нуди ништо ново, освен познатите погубни политики со кои сака да ја врати државата со децении назад. Најавите дека се залагаат за поништување на Договорот од Преспа директно го загрозува нашето понатамошно и полноправно членство во НАТО, како и нашата интеграција во ЕУ.“
Инаку, на последниот Самит на ЕУ, Унијата потврди дека промената на името никогаш и не била услов за Македонија, а недобивањето на датумот го оправда со вистината за неизвршените реформи од Заевата Влада и со реформите во сопствениот систем на проширување, за што вината се насочи кон Макрон. СДСМ, пак, ги злоупотреби емоциите на граѓаните и при референдумското прашање во 2018-та, кога наместо за промена на името праша дали граѓаните се за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор, против кој се изјаснија 65% од граѓаните. И покрај сите подметнувања, Референдумот беше неуспешен за владејачката гарнитура, но и покрај тоа тие насила, без почит кон ставот на народот, го протуркаа договорот и промената наимето и Уставот, сето тоа пропратено со закани, уцени и амнестии на пратеници од опозицијата за добивање на потребното 2/3 мнозинство во Парламентот.
Сега, гласот за нив партијата на власт ќе го претставува како глас за ЕУ, а никогаш нема да ја споменат цената која државата и граѓанита ја платија за наводното одмрзнување на процесот на евроинтеграции кој реално тапка во место и не е мрднат од статус-кво. Оптимистичките прогнози на тинк-тенк организациите од Унијата за влез на Македонија во ЕУ се движат во рамките на 15 до 20 години. НАТО е веќе завршена работа, но и овде СДСМ нема никогаш да спомне огромната и непотребно платена цена, имајќи предвид дека Македонија беше и онака неформална членка на НАТО, а во 2008-та не станавме членки само поради „пријателска“ Грција, која не блокираше, а за тоа добивме и пресуда од судот во Хаг.
Пи-ар стартезите посочуваат дека и натаму СДСМ ќе тера анти-кампања против опозицијата темелена на измислени, апстрактни именки како РЕЖИМ, фраза со помош на која ламентираа и правеа фама 11 години како опозиција, но и покрај тоа не победија на изборите во 2016-та година. На помош, сега партијата ги има и судовите и обвинителството, кои ќе даваат ветер во едра и преку процесите на СЈО, целосно обезвреднето како институција по Рекет, и оние за 27 април – средства од судско-владејачката спрега преку ќе ги враќаат реминисценциите за наводниот режим во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Познавачите на состојбите потенцираат дека СДСМ вака атакува кон немакедонското гласачко тело, конкретно кон Албанците, свесни дека македонското гласачко тело се повеќе се оддалечува од партијата, која самата е виновна за ова преку антинационалните дејствија во изминатите три години, поврзани со името, законот за двојазичност и договорите со Грција и Бугарија.
Најавуваат и очекуван силен контраефект кај Македонците од кампањата на СДСМ со „плашење“ со враќањето на уставното име во комбинација со уништената економија и криминогената обоеност со редица рекети, тендери и дузина афери на актуелната влада од екс Бихаќка.