Агенцијата за храна и ветеринарство поднесе кривична пријава против сопственикот на ресторанот „Мир“ во прилепското село Ораовец, кој е лоциран на вештачко езеро, поради сомневање за сторено кривично дело – симнување на службен печат или знак, односно поради отстранување на службен знак – лепенка „Затворено од Агенција за храна и ветеринарство“. Лепенката е поставена од инспекторите за храна на Агенцијата, по извршената вонредна инспекциска контрола на 4 септември годинава.
-Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите, апелираме до граѓаните да не го посетуваат овој угостителски објект, бидејќи тој не е под контрола на инспекциските служби на АХВ и истиот е ризичен по нивното здравје. Доколку се решат на тоа, посетата ќе биде на нивна лична одговорност. Ресторанот „Мир“ ДООЕЛ, не е регистриран од АХВ, се баедува во соопштението од Агенцијата.
Со извршените три инспекциски контроли (вонредна контрола на 17 август, контролен инспекциски увид на 29 август и извршен вонреден инспекциски увид на 4 септември), од страна на инспекциските служби на АХВ, утврдено е дека ресторанот не ги исполнува основните услови за хигиена на храна, односно во него нема безбедна вода за пиење, подготовка и хигиена (на храна и општа хигиена на гостите) бидејќи истиот е исклучен од градската водоснабдителна мрежа.
За констатираните недоследности со контролите, покрај изречените парични казни, поведената прекршочна постапка, како што стои во соопштението, издадено е и решение за забрана за вршење на угостителска дејност во ресторанот, кое, сопственикот не го почитува, а заради што и по последната спроведена вонредна инспекциска контрола поставен е службен знак – лепенка „Затворено од Агенција за храна и ветеринарство“ кој тој самоволно ја отстранил.