среда, 7. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Полиција го штити Центарот за зависници во Кисела Вода

Полиција го штити Центарот за зависници во Кисела Вода

Нема спас за жителите на Кисела Вода кои со години мака мачат да се ослободат од Центарот за зависници што се наоѓа среде куќите во нивното маало. И покрај апелите до надлежните, но и ветувањата на локалната власт дека Центарот ќе биде затворен, таму и денеска пациентите доаѓаа да ја подигнат дневната терапија. Објектот беше под засилено полициско обезбедување, објавува телевизија Алфа.

Од Општина Кисела Вода велат дека немале ниту надлежност ниту ингеренции за да делуваат во овој Центар. Сепак, велат утрово успеале да постигнат договор со жителите, корисниците и денеска да ја примат неопходната терапија.

„Општината нема апсолутно никакви надлежности и ингеренции со Центарот за зависници, а цело време делува и презема буквално се, за да ги заштити интересите и потребите на граѓаните, но и на оние кои имаат потреба од користење на услугите на Центарот. Сите досегашни изјави во врска со решенијата за проблемите со Центарот за зависници, се исклучиво врз основа на соработката и договорите со Владата и Министерството за здравство“, информираат од Општината.

Вчера жители на населбата се собраа на нов протест и се заканија дека портите на центарот ако треба ќе ги затворат на сила.

Кон крајот на минатата година, жители на Кисела вода го блокираа главниот булевар во Општината и бараа од надлежните итно да се реши проблемот со кој се соочуваат 20-тина години.Тогаш градоначалникот Темелковски и министерот за здравство Филипче ветија дека решение ќе има до мај годинава.

Пред два месеци, од Министерството најавија дека Центарот ќе се дислоцира до крајот на годинава и тоа во поранешната менза на фабриката „Металскиот Завод-Тито“. Ова пак предизвика револт кај жителите на Општина Гази Баба кои преку протест порачаа оти нема да дозволат корисниците на дрога да се шетаат низ нивната општина.

Најнови вести