Има благ пораст на нови позитивни случаи во градинките, меѓутоа имајќи го предвид фактот што од 13 600 деца присутни во градинките, пресекот до минатиот петок беше дека само 19 дечиња се позитивни, говори за тоа дека престојот на децата во градинките се уште е безбеден, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, при посетата на новиот Дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост при Јавната установа Завод за рехабилитација на деца и млади во скопската населба Топанско Поле.
Министерката нагласи дека тоа што нема ширење на инфекцијата меѓу децата во градинките говори дека се почитуваат протоколите.
– Работењето во градинките е организирано според строго воспоставени правила коишто ги пропишува протоколот. Значи кога ги испраќате децата во градинките првата и основната работа е да се заштити нивното нивното здравје, нивната безбедност додека престојуваат во градинките и тоа што нема ширење на инфекцијата меѓу децата во градинките говори дека се почитуваат протоколите. Меѓутоа секако дека и стручната работа со децата е значајна и оттука и начинот на кој што ќе се менаџира овој процес, со индивидуалната работа, со носење на заштитна опрема од страна на логопедите, психолозите, педагозите и останатите компетентни работници, се менаџира на локално ниво во секоја градинка поединечно, наведе Шахпаска.
Таа истакна дека пресекот, односно конечниот извештај за оваа недела за епидемиолошката состојба во градинките ќе биде изготвен утре.
– Сакам да истакна дека не сме го достигнале пикот којшто го имавме во претходниот бран којшто беше пред зимата, рече Шахпаска.
Таа посочи дека вработените ги почитуваат протоколите и затоа, како што рече, следејќи ја епидемиолошката состојба заедно со најкомпетентните, Комисијата за заразни болести ќе носи одлуки понатаму како ќе се одвиваат работите.
Таа додаде дека според извештајот од минатата недела, во градинките има 53 вработени кои се заразени од Ковид-19.