Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, која е позитивна на Ковид-19, од синоќа е хоспитализирана на Инфективната клиника во Скопје.
На својот профил на Фејсбук таа објави за нејзината здравствена состојба, која според симптомите бара болничко лекување.
-Иако ги следевме и почитувавме сите протоколи, најверојатно некаде, за жал, сме потфрлиле. Како се чувствувам? Tелесната температура не ми спаѓа под 38,5 C, чувствувам омалаксаност, континуирано гадење, повраќање и изнемоштеност. Констатирана ми е почетна фаза на пневмонија. Ова не сакам да звучи како заплашување, туку повеќе како отрезнување, затоа што понекогаш може да биде предоцна, напиша Зајкова на Фејсбук.
Истовремено и градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски на истата социјална мрежа објави дека е позитивен на вирусот и дека од денеска е во изолација.
-И, покрај сите препорачани мерки од надлежните здравствени институции за заштита и превенција од корона вирусот, каде доследно ги почитував и во целост ги применував, после денешниот тест за ковид 19, сум позитивен. Да бидеме одговорни, дисциплинирани и совесни, бидејќи само на тој начин ќе ја совладаме пандемијата, напиша Стојановски.