четврток, 28. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Предложено задолжително психијатриско лекување за млад скопјанец обвинет за убиство на сопствениот татко

Предложено задолжително психијатриско лекување за млад скопјанец обвинет за убиство на сопствениот татко

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за изрекување мерка на безбедност – задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа за лице обвинето за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 12 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, обвинетиот 24–годишник, на 12 април, во состојба на непресметливост поради привремено душевно растројство, при вршење семејно насилство, го лишил од живот сопствениот татко. Додека оштетениот седел на внатрешните скали кои воделе од приземјето кон повисокиот кат на куќата, обвинетиот се симнал по скалите од горниот кат, држејќи нож во раката и поради претходно нарушени семејни односи, на својот татко му задал пет рани во пределот на главата, вратот и раката. Оштетениот успеал да се оттргне и пеш тргнал кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кој бил во близина на неговото живеалиште за да побара лекарска помош. Но како последица на обилното крварење од раните кај него настапила шокова состојба, која довела до нарушување и конечен престанок на работата на виталните органи, па тој починал во кругот на Клиничкиот центар.

Со оглед на утрврдената фактичка состојба во поглед на здравствената состојба и непресметливоста на обвинетиот, јавниот обвинител му предложи на судот да ја укине претходно определената мерка притвор, но обвинетото лице да не биде пуштено на слобода, туку до завршување на постапката против него за примена на мерките на безбедност, привремено да се смести во соодветна здравствена установа.​

Најнови вести