Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бараат заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки за заштита од пандемијата со Ковид-19, кои ќе се однесуваат на целата територија на општината заради крајно влошената и загрижувачка ситуација. Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, пак, има дилема околу воведувањето карантин, бидејќи цени дека тоа би имало тешки последици врз локалната економија на Гостивар, но, како лекар, смета дека воведувањето ваква рестриктивна мерка е неопходна.
– Она што е особено загрижувачки и алармантно е дека во последните дваесетина дена драстично и рапидно се зголемува бројот на новозаразени, хоспитализирани и, за жал, починати лица. Со цел да ја превенираме и запреме ваквата застрашувачка тенденција на ширење на заразата, Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бара заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на целата територија на Општина Прилеп, рече вчера Јованоски.
Одговор, нагласи, се очекува за еден ден, а во меѓувреме се засилуваат локалните мерки, прво за помош на медицинскиот персонал во инфективното одделени, каде од денеска како што најави ќе ротираат тимови од матичните лекари во две смени.
Гостиварскиот градоначалник Таравари вчера порача дека има дилема која се создава од функцијата градоначалник и професијата лекар.
-Како градоначалник не сум за карантин единствено заради финансискиот опстанок на граѓаните. А како лекар недвојбено е и јасно е, уште утре треба да побараме од Министерството за здравство и Владата карантин за Гостивар. Нашата општина нема големи фабрички капацитети, тука луѓето егизстираат од мали бизниси, дуќани за трговија, кафулиња и работниците главно заработуваат на дневници. Би било погубно тие бизниси да се затворат на еден месец, бидејќи ние немаме државни резерви за такви намени, рече Таравари.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, најави дека од понеделник дополнителни 12 лекари и 20 медицински сестри ќе ги засилат воените екипи кои и во моментов помагаат во здравството за справување со пандемијата.