Со половина милион вакцини „Синовак“ ќе се забрза процесот на имунизација
Со два авиона вчера на скопскиот аеродром пристигнаа 500-те илјади вакцини што Владата ги набави од кинескиот производител „Синовак“. Станува збор за најголема пратка вакцини пристигната во земјава, а вакцините ќе бидат распоредени во градовите низ државата.
Според државната секретарка во Министерството за здравство Иванка Стојаноски, која заедно со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо ги пречекаа вакцините, со оваа пратка ќе се вакцинираат значителен број граѓани со што ќе се забрза процесот на постигнување на колективен имунитет.
– Со процесот на имунизација досега и вакцинирањето на голем број граѓани покажуваме одлични резултати во намалувањето на бројот на новозаразени со Ковид-19 и на хоспитализирани граѓани за што говори фактот дека сите ковид-центри низ државата се празни, а малиот број хоспитализирани пациенти е на Инфективната клиника, истакна државната секретарка за здравство.
Кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо порача дека вакцините се најмоќното оружје за надминување на епидемијата и посочи дека вакцината „Синовак“ е одобрена од Светската здравствена организација. Во Кина, како што рече, се употребени над 1,1 милијарди дози и се вакцинираат луѓе на возраст од 3 до 100 години.
Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари за пратката на вакцини, и најави дека неделава значително ќе се забрза процесот на вакцинација на територијата на целата држава.
– Благодарност до кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо и на пријателската Кина, со чијашто помош успеавме да ги обезбедиме овие вакцини и денеска да ги добиеме во нашата држава, вели во статусот на Фејсбук.
За ефикасноста и безбедноста на вакцината „Синовак“, Филипче посочи дека таа е високо ефикасна за превенција на тешка болест.
– Еве ги официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица, напиша завчера Филипче на „Фејсбук“.
И натаму продолжува стабилизирањето на состојбата со ковид кај нас. И во текот на претходното деноноќие не беше регистриран ниту еден смртен случај. Од направени 2514 тестирања, беа забележани четири нови случаи на заразени со коронавирусот и евидентирани 11 оздравени 11 пациенти.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155673. Оздравени се 149961 пациенти, а починати 5484. Досега направени се вкупно 872894 тестирања на Ковид-19.
Според податоците на Министерството за здравство, бројот на активни случаи е 228.
Најмногу активни има во Скопје и тоа 88, Куманово – 24, Тетово – 22, Прилеп – 18, Охрид – 17, Кичево – 16. Во 15 градови нема активен случај на Ковид-19.
Досега во светот се заразиле 181 милиони луѓе, починале 3,9 милиони, оздравеле 166 милиони лица.
Властите на шпанскиот остров Мајорка соопштија дека повеќе од 600 студенти кои го прославиле крајот на школувањето се заразени со коронавирусот, во време кога се очекува да пристигнат британски туристи.
Студентите кои дошле на Мајорка од континентална Шпанија присуствувале на музички настапи во Палма де Мајорка, забави на бродови и хотели. Властите најавија истрага за време на која имаат намера да утврдат дали се исполнети сите превентивни анти-епидемиолошки мерки.
Најмалку илјада од нив биле испратени во изолација и откриено е дека голем број тинејџери имаат лесни симптоми на Ковид-19.
Нов Зеланд ќе ги продолжи ограничувачките мерки во главниот град Велингтон за уште два дена, откако властите денеска соопштија за ризик од ширење на коронавирусот по посетата на австралиски турист кој бил позитивен на PCR тест по посетата на градот минатиот викенд.
Градските власти во Москва соопштија дека 144 лица починале од коронавирус во главниот град на Русија во последните 24 часа, што е најголем број смртни случаи од тој вирус од почетокот на епидемијата.
Голем број смртни случаи се регистрирани и во Санкт Петербург, каде во последните 24 часа починаа 107 лица.
Велингтон сега е во второ ниво на тревога и ќе остане на тоа ниво до вторник .
Нов Зеланд ги суспендираше пристигнувањата од Австралија без карантин најмалку три дена, бидејќи во таа земја расте бројот на случаи на заразени со Ковид-19.
Премиерот на Индија Нарендра Моди ги повика граѓаните на земјата да ги „надминат сомнежите“ против вакцините за коронавирус и да не веруваат во гласините што се шират за нив.
– Ве повикувам да имате доверба во науката. Верувајте им на нашите научници. Многу луѓе се веќе вакцинирани. Јас примив две дози. Мајка ми има скоро 100 години – и прими две дози. Да не веруваме во негативните гласини за вакцините, рече премиерот во своето традиционално месечно радио обраќање до нацијата.
Според него, само со помош на вакцина против коронавирус можеме да се заштитиме од смртоносната болест.
Властите во Хонг Конг очекуваат половина од жителите на градот да бидат вакцинирани против Ковид-19 до август, изјави вчера министерката за здравство на Хонг Конг, Софија Чан.
– Најновите податоци (за бројот на луѓе вакцинирани против ковид за ден) се охрабрувачки. Ако продолжиме со брзото темпо, имаме шанса да вакцинираме 50 проценти од населението до август или септември, изјави таа.