Пожарникарите на скопската противпожарна единица излегуваат на протест откако, како што велат, Град Скопје не им го исплаќа надоместокот за опасност при работа.
За исплата на надоместокот, пожарникарите пред 18 месеци добиле пресуда од Судот во нивна корист, но Градот се уште не го вметнува во платата.
Како што информираше членот на иницијативниот одбор Дејан Исаевски на 18 октомври до Градот испратиле барање во платата за октомври да биде внесен додатокот и во рокот кој го дале од пет дена не добиле одговор од градските власти. Тие вчера одржаа мирен протестен собир порачувајќи дека денеска излегуваат на протест доколку од Градот не добијат одговор.
Очекуваат градоначалникот на Скопје Петре Шилегов да ја спроведе судскатата одлука за исплата на додатокот за опасност при работа.
Градските власти, пак, негираат дека има одлука од судот, велат платите за пожарникарите ги добивале од државата ама без надоместок за опасност при работа. На незадоволните од висината на платата им порача да си најдат друго вработување.
-Работиме на изнаоѓање на системско решение како би се надминал проблемот, до тогаш градот и да сака не постои начин како ја врши оваа исплата. Ако некој смета дека му е мала платата во противпожарната бригада, додека не го најдеме системското решение во секое време може да си побара работа на друго место, изјави Шилегов.
За потсетување, токму Шилегов на 20 мај годинава присуствуваше на обележување на Денот на пожарникарството каде истакна дека пожарникарите се гордост и гаранција за безбеден живот.
Тој тогаш нагласи дека заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од витално значење за нашето Скопје и дека секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет, но без пожарникарите таа хумана мисија би била невозможна.
– Како и досега, така и годинава ќе Ви посакам помалку пожари и многу спасени животи. Вие сте хероите на градот, наша гордост и гаранција за нашиот безбеден живот. Продолжете во таа насока, за нашето Скопје, за сите нас, им порача на 20 мај Шилегов на скопските пожарникари.