Два протестa се одржаа вечерва во центарот на Софија, јави порталот Експрес.мк, повикувајќи се на агенцијата БГНЕС.
Едниот е во одбрана на националниот интерес на Бугарија во Република Македонија и е најавен како митинг-концерт организиран од партијата ВМРО, а другиот го запре сообраќајот на жолтата калдрма пред зградата на Собранието. Тој е во организација на најмалата парламентарна партија Вазраждане и инсистира на оставка на Владата.
Приврзаниците на ВМРО во т.н „триаголник на моќта“ вееја бугарски знамиња со плакати: „Киро поднеси оставка“, „Мезија, Тракија, Македонија“, „Одбрани ја Бугарија“.
– Ова е предупредување за митинг. Имаме информации дека на 24 овој месец владата на Кирил Петков се подготвува да го укине ветото за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Доколку тоа се случи ќе го блокираме цела држава – рече Александар Сиди од ВМРО.
Тој категорично го осуди јазикот на омраза кон Бугарија „кај нашиот западен сосед“.
Според почесниот претседател на ВМРО, Красимир Каракачанов, Кирил Петков се надева дека со гласовите на ПП, ДБ и МРФ ќе падне ветото врз Скопје.
– Петков можеби е најнеуспешниот и најсмешниот премиер на Бугарија, но тој е оној кој најдобро ја користи ситуацијата. Се однесува како услужен персонал, а не како премиер на суверена држава – додаде Каракачанов.
На другиот крај од жолтите плочки, околу споменикот на Цар Освободител, добро опремени поддржувачи на со плакати и знамиња бараа оставка од Владата и скандираа „НАТО надвор“.
Според нив, владата на Кирил Петков не успеала да управува со земјата и во последните месеци повеќе време потрошила на војната во Украина отколку на домашните проблеми во Бугарија. Од партијата на Костадин Костадинов изразија став дека Петков треба да си поднесе оставка, да се одржат нови избори и потоа да почне со заживување на Вазраждане согласно националните интереси на државата.
На споменикот пред Народното собрание беше закачен голем транспарент со натпис „Ја закопаа Бугарија“.