Комерцијална банка АД Скопје уште од самиот почеток на појавата на Коронавирусот Covid-19 во земјава ги презеде сите мерки за заштита на здравјето на вработените и на клиентите и за намалување на потенцијалните ризици во работењето, пренесува порталот „банкарство.мк“.
Во таа насока распоредени се тимови на различни локации и на работа од дома, а деловните простории на Банката, редовно се дезинфецираат и се опремени со средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици за вработените.
Поради утврден случај на вработен во Комерцијална банка АД Скопје, кој е од Скопје и е позитивен на Коронавирусот Covid-19, согласно насоките од надлежните институции Банката денес изврши нова, темелна дезинфекција на сите простории во деловните згради КБ1 и КБ2. Сите потребни и дополнително засилени мерки на заштита и превенција се преземени, со што деловните процеси продолжуваат со редовна работа. Сите услуги на Банката се достапни и функционираат нормално.
Сите вработени во Банката кои имале непосреден контакт со вработениот кој е позитивен на Covid-19 ќе бидат во самоизолација во наредните 15 дена, согласно воспоставената комуникација и добиени насоки од надлежните институции во Република Северна Македонија. Тимот на Комерцијална банка му поскаува брзо опоравување на вработениот и со нетрпение го очекува неговото враќање на работа.
Од банката велат дека сите без исклучок сме исправени пред актуелните предизвици, а фокусот на Комерцијална банка АД Скопје останува на заштита на здравјето на вработените и на клиентите и на достапност на сите наши услуги и производи во секое време, додава порталот банкарство.мк.