Рафали од автоматски пушки, пукање со пиштол станаа секојдневие на Скопјани.
Повеќе од два месеци граѓаните на Скопје живеат во страв и паника и стравуваат за своите животи од “дождот“ од куршуми кои секојдневно се случува во главниот град.
Се пука на свадби, семејни веселби, рафали се слушаат од Арачиново, Сарај, Сингилиќ, Бутел, Чаир… а МВР се уште нема прекинато ниту една ваква прослава, а ниту пак некој завршил зад решетки поради ова кривично дело.
Имено пукање на веселби со огнено оружје е кривично дело според член 288 од ЗКП на РСМ, паричната казна за ова дело е од 200 до 500 евра во денарска противредност, но предвидува и затворска казна од една до пет години затвор, зависно од последиците при пукањето.
Редакцијата на КУРИР испрати прашања до МВР.
Побаравме информации за тоа колку автоматски, полуавтоматски пушки и пиштоли се запленети во последните два месеци на територијата на Скопје и скопско, колку лица се уапсени, и каква е стратегијата на МВР за следните пет години за пронаоѓање на нелегално оружје?
Од министерството за внатрешни работи не добивме конкретен одговор на ниту едно прашање:
– Во периодот јануари-јуни 2021 на територијата на државата зголемен е бројот на откриени кривични дела, во однос на истиот период од минатата година, при што зголемена е и вкупната количина на заплените со оружје и муниција. Во оваа насока, во периодот јануари – јуни 2021 година, во оваа област се откриени 77 кривични дела, за што кривично се пријавени вкупно 84 сторители, а во рамките на наведените случаи, запленети се 66 парчиња оружје, 18.434 парчиња муниција. МВР во координација со локалните власти презема и превентивни активности за спречување на појавата на пукање со огнено оружје на семејни веселби/свадби. Се одржуваат работни средби со претставници на општинските совети и градоначалниците, со цел заеднички да се делува на подигање на јавната свест кај населението за оваа појава може да предизвика тешки последици и ваквите активности на МВР ќе продолжат и во наредниот период. Министерството за внатрешни работи уште еднаш упатува апел до сите граѓани да се воздржат од пукање со огнено оружје на семејни веселби. Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (член 31). Зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик). СВР Скопје презема мерки и активности согласно Националната стартегија за контрола на мало и лесно оружје и Акционен план 2017 – 2021, но и во сопствената Контролна стратегија за 2021 година ја дефинира недозволената трговија со оружје како еден од приоритетите за работа и редовно презема мерки и активности согласно Закон, при што интензивиран е проактивниот пристап во работењето, како и координираното и насочено преземање на мерки и активности за утврдување и идентификацијата на недозволената трговија со оружје, преку Планови за преземање мерки и активности со цел фаќање и спречување на сторители во вршење на кривични дела, се вели во одговорот на МВР.
Сведоци сме изминативе години дека зрната од куршумите завршуваа во нечии дворови, коли, но завршуваа и во човечки тела.
Отука јавно прашуваме, дали Оливер Спасовски ќе почне да си ја работи работата за која е платен од граѓаните?