понеделник, 1. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Расте процентот на новозаболени во однос на тестирањата: Потврдени 1275 случаи на коронавирус, хоспитализирани 887 пациенти

Расте процентот на новозаболени во однос на тестирањата: Потврдени 1275 случаи на коронавирус, хоспитализирани 887 пациенти

Во континуитет расте бројот на новозаразени од коронавирусот Ковид-19 во државава. Вчера се регистрирани 1275 заразени, а починаа 13 лица. Процентот на новозаразени од Ковид-19 во однос на тестирањата расте, односно 33, 37 и вчера 38 отсто.

На клиниките и болниците во државава, според вчерашните податоци на Министерството за здравство, хоспитализирани се вкупно 887 пациенти од кои 130 се на кислородна поддршка. Оваа состојба на исполнетост на капацитетите во последниве четири дена се зголемува за седум до 12 пациенти на дневно ниво.

Од општите болници информираат дека се подготвени да ги адаптираат одделенијата за прием на пациенти доколку има потреба од тоа.

Директорот на струшката болница Мухамед Асани, вчера информираше дека хоспитализирани се 18 лица позитивни или со симптоми на коронавирус и дека во одделот имаат 32 кревети, кои доколку се потполнат, ќе се прави преадаптација во други одделенија.

– Доколку се потполнат предвидените легла на Интерното одделение, ќе го преадаптираме Детското одделение. Секогаш имаме резервна опција, вели директорот.

Од почетокот на пандемијата во Струга и струшко починале 75 лица како последица од компликации од коронавирусот.

Во Струмица од вчера девет лекари и медицински сестри и тројца техничари од Општата болница се во изолација откако било потврдено дека се позитивни на коронавирусот. Заради тоа, директорот на болницата, д-р Наќе Гогов информира дека неизвесно е кога ќе биде отворен дополнителниот оддел за прием на ковид-пациенти во новото болничко крило.

-Тоа ни го отежнува и вкупното работење на болницата, а почнувањето со работа на новиот оддел ќе зависи од расположивиот персонал. Треба да ни дозволат да направиме прием на персонал, сестри и лекари, за да може некој да работи таму, рече директорот Гогов.

Во Струмичката болница моментно се лекуваат 100 пациенти, од кои 45 се хоспитализирани, а останатите 55 се лекуваат со примање терапија во дневната болница.

На Универзитетската клиника за радиологија позитивни на Ковид-19 се четворица вработени меѓу кои и директорот Даниел Ѓурчинов. Сите се во добра состојба и на домашно лекување.

Посочуваат дека на Клиниката нема застој во работењето, бидејќи од четворицата заболени, двајца се вработени во администрација, а еден е техничар.

Новите мерки на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19 се активни. Задолжително треба да се носат маски. Носењето маска на отворено има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита.

Угостителските објекти работат до 21 часот. Забрането е групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 21 часот како и движење на јавен простор доколку граѓаните немаат важни и неопходни потреби. Се препорачува граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица што не живеат во иста заедница.

Најнови вести